„Занаду“: За музика примарна е идејата, сè останато е своевиден компромис

Мелодии од соништа, рокенрол, тапани, штимани жици – вака звучи новиот албум на бендот „Занаду“ што беше промовиран вчера со свирка во „Биртија паб“.

„Занаду“ се Карло Јовановски, вокал и гитарист, басистот Андреј Крстевски, тапанарот Иван Богдановски и другиот гитарист Марко Атанасов кои од неодамна се приклучија кон младиот алтернативен бран присутен на македонската музичка сцена.

За себе велат дека се само четворица индивидуалци обединети под идејата за правење музика, за создавање на нешто свое, или поточно, „своеврсна симбиоза од аспект на идеја, емоција и тон“. Покрај тоа, целат кон музика „ослободена“ од врвките на жанрот.

„Жанрот не сакаме да е ограничување во процесот на правење на музиката, но крајниот продукт секако би можел да влече нишка на одреден жанр. Нашиот избор е филтерот низ кој проаѓа музиката што ние ја слушаме и животот што го живееме, за на крајот продуктот да е нешто уникатно и ново“, сподели Јовановски за Радио МОФ.

Низ разговорот тој ни раскажа дека денешната четворка на бендот настанала од заеднички пријатели и познанства, а албумот што вчера го свиреа започнале да го прават уште пред првата проба.

„Примарна е идејата, небитно дали во форма на риф, прогресија или приказна. Сè останато е своевиден компромис, демистификација на примарната емоција, градење на веќе поставеното, варијација и експериментирање со звук или порака“, забележа тој.

Фото: Зденко Петровски

Вчерашниот настап со нови песни ги внесе присутните во шутка, а бендот го врати на бис за некои од песните да ги отсвири уште еднаш. Во деби албумот влегуваат и претходно објавената „Соништа“ и скорешната „Зборувај, замижи, побегни“, но присутните не се заситија да ги слушнат и по три пати. Се осети поддршката и од други бендови со кои ја делат моменталната сцена, а со тоа се сложува и Јовановски кој смета дека за овој бран на млади бендови треба уште погласно да се зборува.

„Алтернативната сцена е во залет. Публика има, бендови има, но сè уште фали медиумот кој ќе го постави мостот и кој ќе даде шанса на нешто ново и уникатно, различно од сивилото кое секојдневно се сервира. Колективот ‘Гола планина’ е само доказ за желбата погласно да се зборува и дека е време некои работи да се сменат. Мислам дека независната сцена со квалитетот и свежината која ја пружа заслужува многу поголема поддршка, медиумска и просторна. Новиот бран зема залет, и веруваме дека неговото време допрва доаѓа“, вели Јовановски.

Албумот и маичките може да се нарачаат од членовите на бендот

На албумот активно работеле 5 месеци. Тој официјално на музичките платформи Јутјуб и Бендкемп излегува денес во 18 часот, а наскоро ќе биде достапен и на другите платформи за слушање. Содржан е од 9 песни и снимен во Студиото 1060 на Дени Крстев, а миксот е на Раде Биковски. Покрај тоа, албумот, велат од бендот, може да се купи и во тврда копија на CD.

Ангела Бошкоска