„Занаду“, Чарли и Торта вечер на предновогодишна забава во „Биртија паб“

„Мултикултиватор“ вечерва (среда, 27 декември) од 21 часот организира предновогодишна забава во „Биртија паб“, каде е најавен концертен настап на бендот „Занаду“.

Се работи за свеж состав од новиот бран музичари на македонската алтернативна сцена.

„Занаду“ лани го објави својот деби албум, а во интервју за Радио МОФ рекоа дека се четворица индивидуалци обединети под идејата за правење музика, за создавање на нешто свое, или поточно, „своеврсна симбиоза од аспект на идеја, емоција и тон“.

Покрај тоа, целат кон музика „ослободена“ од врвките на жанрот.

„Жанрот не сакаме да е ограничување во процесот на правење на музиката, но крајниот продукт секако би можел да влече нишка на одреден жанр. Нашиот избор е филтерот низ кој проаѓа музиката што ние ја слушаме и животот што го живееме, за на крајот продуктот да е нешто уникатно и ново“, сподели Јовановски интервјуто за Радио МОФ.

Притоа, во „Биртија паб“ ќе настапат и диџеите Чарли и Торта, па посетителите ќе имаат можност да слушаат малку реге, ска, ретро рок итн.

Влезот за настанот е бесплатен.