[Интервју] Никола Јовановиќ: Алтернативната сцена има што да (по)каже

Никола Јовановиќ е студент по графички дизајн. Јовановиќ е и млад фотограф што активно документира што се случува на алтернативната сцена, која изминативе години беше освежена преку нов бран музичари, бендови што обликуваа цела нова рокенрол генерација. Таквата нова културна стварност, Јовановиќ денеска од 20 часот ќе ја претстави преку изложба на фотографии „Мразам playback“ во КИЦ. 

Во разговор со Радио МОФ, за себе вели дека станал фотограф „по грешка“. Најпрво, немал желба да се занимава со оваа дејност, сакал да стане актер, но тоа не му се остварило.

„Скроз другачие си го замислував животот. Ама, имав апарат и почнав да го носам со мене, да ‘штракам’ кај и да одам. Тоа се зареди некое време, па си купив подобар апарат, па ‘ајде да ме сликаш за ова, за она’, па ‘ајде ела на свирка, немаме фотограф’. И, еве кај сум сега“, раскажува Јовановиќ.

Го интересира т.н. ретро фографија, „заразен“ е со црно-белите слики. Гледа да извади од себе моменти кои најприродно ќе делуваат во комбинација со панк-рок манир. Затоа го разработува тој стил.

Постерот од изложбата „Мразам playback“

Исто така, ги сака воопшто уличните елементи, социјалниот жанр. Сите тие моменти по улиците и јавните простори што се искрени, спонтани, човечки. Но, не сака да фотка природа. За природата вели дека е „за уживање, а не за фотографирање“.

„Ова ми е скоро петта година како почнав да се бавам со фотографија. Со музичка фотографија некаде крај на 2020-та година, кога ги запознав ‘Хајка’. Се’ уште имаше корона. Во март 2021 потоа ја отворив првата изложба, исклучиво од портрети. Сега сум опседнат со свирки, концерти, музика… и до ден денес исклучиво се занимавам со музичка фотографија. Воглавно рок музика, идеолошки се поклопуваме“, посочува Јовановиќ.

Пандемијата играла голема улога во раѓањето на новата млада генерација музичари, вели тој, но и во неговата пасија да ги следи, чекор по чекор, свирка по свирка, заедно со целата растечка публика што е поврзана и гравитира со бендовите.

„Пред пандемијата се’ беше исто. Едноставно, на луѓето им здосадија едните исти музичари и уметници. Публиката беше желна за нешто ново, па тоа се’ излезе на површина, нешто што практично произлезе од обични школски свирки“, посочува тој.

Она што е позитивно за новиот бран музичари, е тоа што тие не само што се поврзани преку музиката, туку и голем дел од нив меѓусебно се дружат. Си одат по свирки, си се поддржуваат, ама и „киснат“ заедно надвор, на клупи, парк, МКЦ, по гаражи… Со тоа, смета Јовановиќ, практично се роди нова сцена.

Музичките фанатици изминативе години можат да следат состави како „Хајка“, „Кат јот нипл“, „Занаду“, Короужн“, „Луфтанза“, Вагина Корпорејшн“, „Дивоградба“, „Преку ред“,  Димиш, АТА, „Пич Вајс“, „Конспираси“, „Локал блу“, „Ред 18“, „Алембик“, „Бејсмент калт“, „Халфгoд“, „Беседа“, „Мензел“, „Ендемски вид“… Има и уште други, кои ја претставуваат токму новата современа, алтернативна и активна музичка младост.

„Алтернативната сцена многу кажува и покажува. Јас сакам луѓе што кажуваат и покажуваат. Не се излезени заради профит, слава и ред други глупости. Се надевам ќе успее таа сцена да ги поттикне луѓето да се навраќаат на поквалитетна музика. Бидејќи, се’ и свашта се слуша. Секаде распростанети музичари – ‘држачи на микрофон’. Излегуваат на сцена со пуштен плејбек и знаат да кажат ‘ајде сега вие’ и да го пуштат микрофонот накај публика. Тоа за мене не е музика. Без вокални способности, со текстови за глупости, пари, дрога, проституција… Страшно ме фрустрираат такви работи. Одиш на настан и викаш ‘боље да останев дома’. Но, музиката сега доживува ренесанса“, нагласува Јовановиќ.

Младиот фотограф има замисла за едно 10-20 години, ако се собере доволно материјал од целото ова културно движење, да направи некаков документ, фото-хроника.

„Не од оние што веќе се етаблирани, туку од овие младиве. Бидејќи сигурно за едно 10-на години повеќе ќе успеат, им гледам светла иднина. Тоа би било многу интересно, да се направи една убава монографија. Кога зборувам за ‘монографија’, можеби зборувам ‘од ракав’, ама досега имам посетено 100 и кусур свирки, имам над 70 фотосесии на бендови. Тоа вреди да се зачува. Бидејќи си поминува времето, а еден ден ќе имаме што да раскажуваме на натамошните генерации“, констатира младиот фотограф.

Бојан Шашевски
Фото: Никола Јовановиќ