Лука Јованоски преку „Vagina Corporation“ порачува „Време е!“

„Време е!“. По безброј седенки на и околу „сепариња“ во Градски парк, по шутки на концерти во МКЦ, по постојано другарување и музицирање со бандата „Луфтанза“ по гаражи и свирки, време е и за личен, експериментален и автентичен рокенрол соло продор на Лука Јованоски.

„Време е!“ всушност е името на новиот албум на овој млад музичар, кој овој пат спакува музички пакет аранжман од шест песни за масовно консумирање, под името на проектот „Vagina Corporation“. Во албумот негови се целосно инструментите, вклучува и свој вокал, а како дополнителни вокали се појавуваат и Андреј Димовски, Бојана Мицеска и Добрила Грашеска.

За Радио МОФ тој посочува дека „Vagina Corporation“ е соло проект што го започнал контра мрзата, желбата за бегство од одговорност и продуктивност, и стравот од искреноста.

„Песни кои поради огромната креативност на моите сосвирачи и пријатели од бендот ‘Луфтанза’ и големиот уметнички излив кои го имаме кога сите сме заедно, не можеа да бидат исвирени или пробани на проба, па чмаеа во хард драјвот чекајќи го денот тој да рикне и никогаш да не видат бел екран“, вели Јованоски.

Но, тоа се сменило кога конечно го примиле на Еразмус+ во Данска, и на негово големо очајување се соочил со фактот дека Данска е прилично далеку, доволно далеку за единствен логичен транспот да биде авион.

„Ако не сте знаеле авиони летаат, летаат многу високо, тоа е неубаво. Тој момент, некоја сила одвнатре (страв) поточно (страв од огнена смрт) ме принуди да направам нешто, од кое бегав долго време. Да се соочам дека музиката мора да биде чуена, за навистина да стане музика. Да ги извадам песниве што ми било страв да не ги чуе некој друг освен моето уво. А и да се соочам со концептот на мојот безвреден живот, на тој џиновски метален воздушен лебдечки затвор. Немаше да заминам од овој свет, без да издадам еден албум, барем едно кратко ЕП!“, потенцира младиот Јованоски.

Па, така раскажува дека името на тоа прво ЕП, пред да го издаде овој албум, дошло природно: „Авионот нема да падне!“.

„И не падна! Има 4 песни и може да го слушнете на ‘Јутјуб’ и ‘Бендкемп’. Тоа беше декември. Кога се вратив, продолжив да пишувам, и направив уште неколку песни, кои немаше да ги извадам во скоро време, дека миксот никогаш не е доволно добар, се разбира. Но, се пријавив на уште еден проект, во кој ме примија и за чудо и во Франција се одело со Авион, в пи*ку мајчина. Си реков, време е! Одговор на нешто, длабоко во себе што не знам што е точно, ама истовремено и знам“, раскажува Јованоски.

Албумот „Време е!“ има шест песни. За него вели дека е „од жанрот пост-психоделичен-американата-рок-краутрок или ППАРК нагалено, ама пак други слушатели повеќе би се согласиле дека е краут-рок-американа со психоделични примеси и тоа би било КРАП скратено, тоа е сепак субјективно доживување“.

„Го снимив на мојот верен Scarlet Solo 3dGen, десната рака на секој музичар во подем, Fl Studio Gang – во мојата соба во која гостуваа неколку луѓе, и тоа мојата братучеда Бојана Мицеска и нејзиниот ултра висок глас, пазете си го виното, мајка ми Добрила Грашески (очекувајте нов зафркнат албум наскоро) и другар ми Андреј Димовски со кој делам неколку бендови, а и доџо. Сите дојдоа на гости додека ги правев песните и така станаа дел од нив, освен мајка ми, таа живее тука, пфф, неранимајковци низаедни“, вели Јованоски.

За „Време е!“ посочува дека се пее на неколку теми, ама не кажува точно на кои, само на „Genius lyrics“ големата тајна ќе биде одгатната.

„Засега албумот e нa ‘Јујтуб’ и ‘Бендкемп’, ама на 21 април излегува на сите платформи, па дури ќе може и да се Шазамне (се доплаќа btw). Има музички видео клип за ‘Мртов Доктор’, ама планирам да снимам уште еден спот, со помош на филмаџиските другарки и другари. Извик до сите другари, знаете кои сте! Овој проект не се препорачува за лицата под ‘Х’ години“, порачува Лука Јованоски.

Бојан Шашевски