За првпат во историјата на САД секојдневната употреба на канабис го надминува консумирањето алкохол

Бројот на Американци кои пушат канабис на дневно или речиси на дневно ниво сега го надминува бројот на консументите на алкохол, покажува нова студија, пишува „Би-Би-Си“.

Истражувањето, објавено во списанието „Зависност“ е базирано на податоци собрани од националното истражување за користење дроги и здравје во текот на четири децении.

Истражувањето во 2022 забележа околу 17.7 милиони луѓе кои консумираат канабис на дневно ниво, што за првпат е повисоко од проценката за 14.7 милиони луѓе кои пијат алкохол секој ден.

Иако алкохолот сѐ уште останува покористена супстанца, студијата покажува дека од 1992 до 2022 година имало 15-кратно зголемување на стапката по глава на жител на оние кои се изјасниле дека за секојдневна или речиси секојдневна употреба на канабис. Во 1992 година помалку од еден милион луѓе рекле дека користат канабис, што е најнискиот процент на употреба од 1979 година кога започнало да се прави истражувањето.

Рекреативната употреба на канабис е дозволена во 24 држави и во округот Колумбија, додека 38 држави го легализираа канабисот за медицинска употреба.

Американската влада претходно пружеше отпор за легализирањето или декриминализацијата на канабис на федерално ниво. Сепак, министерството за правда изгласа тој да се премести од прва (најштетна) во трета категорија на дроги, од можни пет. Во прва категорија спаѓаат дроги како хероин и се смета дека за нив нема никаква медицинска употреба.

Истражувањата покажаа дека идејата дека канабисот е „порта“ кон користењето на други дроги не е поткрепена со докази – повеќето корисници на канабис не преминуваат на потешки дроги.

Сепак, според истражување споделено од Националниот институт за злоупотреба на дроги, честата употребата може да доведе до зависност.