Анализа: Што можеме да научиме и примениме од Португалија и Холандија за декриминализацијата на дроги

Политиките за декриминализацијата на дрогите ги почитуваат човековите права на луѓето, во поголема мера отколку оние што ја криминализираат употребата или поседувањето за лична употреба. Социјалните политики во државите со декриминализација нудат разни услуги за луѓето што употребуваат дроги, кои се социјално вклучени и вработени. Го зголемуваат и пристапот до програмите за лекување и ресоцијализација, а влијаат и за намалување на  ХИВ и други крвно и сексуално преносливи болести. Истовремено, ваквите политики ги намалуваат смртните случаи при употреба на дроги, стигмата и дискриминацијата од граѓаните, но и се финансиски поисплатливи отколку криминализирачките политики.

Ова се заклучоците од документот „Декриминализацијата на дрогите како основа за хумана и ефективна политика за дроги: Анализа на португалскиот и холандскиот модел на декриминализација“, презентиран денес на меѓународна конференција на ХОПС и Коалиција Маргини.

Влатко Деков од ХОПС, автор на анализата, вели дека денес и во последните децении употребата на дроги постојано се зголемува во целиот свет и покрај рекстриктивните политики.

„Тој традиционален пристап на забрана и казнување заради поседување и употребата на дроги креираше социјална неправда, јавно-здравствени проблеми и високи социјални трошоци на макро ниво“, нагласи Деков, кој е експерт за политики за дроги и менаџер за застапување.

Затоа се одлучиле за анализа на португалскиот и холандскиот модел на декриминализација, со цел наодите да стигнат до македонската политичка и експертска јавност. Истовремено, преку конференцијата да покренат иницијатива за промена на сегашната политика за дроги во Македонија, која, вели тој, покажа дека не одговара на времето во кое живееме и не дава соодветни резултати.

Декриминализацијата, нагласи Деков, всушност претставува преместување на фокусот на политиките од полициско-судскиот кон здравствено-социјалниот систем.

Португалија – социјална и здравствена благосостојба на корисниците

Португалија во 2001 година ја декриминализираше набавката, поседувањето и употребата на сите видови дроги во количина за 10 денови. Тоа значи, употребата и поседувањето за лична употреба, веќе не се кривични дела и за нив не се предвидени казни затвор.

Влатко Деков

„Законот за декриминализација претставува правна рамка на употребата на наркотици и психотропни супстанци насочена кон здравствената и социјалната благосостојба на корисниците. Сосема спротивно од македонскиот закон за дроги, каде прва цел е ‘спречување и сузбивање на злоупотребата’. Терминологијата што се користи во македонското законодство е воено-полициска“, нагласи Деков.

Законот во Португалија предвидува т.н. Комисија за разубедување. Во Комисијата членуваат три лица експерти, номинирани од министерствата за правда и здравство. Притоа, во зависност од ситуацијата, Комисијата може да соработува и со тим на психолози, социолози или социјални работници.

„Кога некој од корисниците ќе биде фатен со дозволените количини на дрога (за 10 денови), полицијата не го спроведува до станица, туку го препраќа до Комисијата. При посетата се разговара за причините за употребата на дрога, историјатот, семејната состојба итн. Целта на разговорот е да се добие поголем увид за проблемот што го има корисникот на дрога, да ја подигне свеста за штетните последици, вклучувајќи ги и последиците за можни прекршоци и казни. Од друга страна, да го информира за опциите за помош и лекување, како и да го мотивира и препрати на лекување“, нагласи Деков.

Еден состанок со корисникот и Комисијата, дополнува тој, е многу поразличен од отколку приведување во полициска станица. Многу е поразлично отколку да отиде во суд. Не предизвикува траума и не е извор на социјална стигма.

„Освен овој Закон на декриминализација, португалскиот модел се заснова и на отворање на голем број програми за лекување, ресоцијализација, реинтеграција, кои вклучуваат мерки за вработување, мерки за домување, програми за намалување на штети од употреба на дроги итн“, потенцираше Деков.

Ваквите политики во Португалија резултираат за намалување на употребата на дроги кај општата популација од 15 до 54 години, посебно кај младата популација од 15-34.

Понатаму, намалување на проблематичните корисници на дроги – оние што инјектираат или долготрајно користат хероин, кокаин или амфетамин.

Намалување на ХИВ на лицата што употребуваат дроги во Португалија

„Зголемен број на пријави за лекување, вклучително и на оние што користат канабис. Намалување на смртноста поврзана со смртноста од дроги – од 369 случаи во 1999, на 30 случаи во 2016 година. Намалување на ХИВ на лицата што инјектираат дроги  – од 1.016 случаи во 2001, на 21 случај 2018 година. Намалување на бројот на затвореници за дела со дроги – од 44% во 1999, на 15% во 2018 година. На крајот, намалување на стигмата и секако зголемување на прифаќачкиот однос од граѓаните“, забележува Деков.

Холандија – практичност, толеранција, кофи-шопови и бројни програми

Холандија освен по ветерниците, кломпите, порталовиот дрес на фудбалската репрезентација, таа е меѓународно позната и по прогресивната и прагматична политика за дроги. За Холандија, вели Деков, постојат повеќе митови дека сите дроги се легални.

„Холандија е типичен пример за дефакто декриминализација. Употребата и поседувањето се уште се кривични, односно прекршочни дела. Но, во пракса, тие се толерираат и не се покренуваат санкции“, нагласува тој.

Пример, за поседување на канабис и хашиш. За канабис до 5 грама или 5 стебла за лична употреба – полицијата нема да покрене обвинение. Исто така, случајот нема да се процесуира кога станува збор за продукти од канабис до 30 грама.

„Поседување на други дроги како хероин, кокаин и сл., до 0,5 грама исто така се толерира. Најчесто не се покренуваат обвиненија. Полицијата и судството се насочени во сузбивање на трговија со големи количини и кон производство на дрога, додека делата со мали количини и ситните дилери – не се процесираат“, објаснува Деков.

Јавното обвинителство може да не покрене обвининие за дело поврзано со дроги, ако процени дека не е во јавен интерес.

Според Законот за дроги, донесен во 1976 години, канабисот е ставен во „листа 2“, додека во „листа 1“ се хероин, кокаин, ЛСД, екстази, а во 2018 година се додадени и магичните печурки.

Фото: Unsplash

Канабисот може да се употребува во познатите кофи-шопови. Нивната главна цел, вели Деков, е токму да се подели пазарот, за да се прекине поврзаноста на канабисот со останатите дроги. За кофи-шоповите има различни критериуми, меѓутоа, нема обвиненија ако продаваат до 5 грама по лице.

Притоа, Деков нагласува дека социјалните и здравствените сервиси се клучен столб.

„Отворени се голем број програми, вклучително и супституциските третмани, не само со метадон, како кај нас, туку и со хероин. Потоа програми за социјална поддршка, домување, шелтер центри, за намалување на штети итн“, вели тој.

На пример, во 2019 година постоеле 24 соби за безбедно употреба на дроги во Холандија. Во октомври 2014, Деков посетил ваква програма во Амстердам, наменета исклучиво за лица мигранти. Таа се наоѓа во склоп на објект со останати програми што ги нуди иста организација. Така да, некое лице, освен соба за употреба на дроги, може да добие и услуги од социјален работник, храна, облека, мотивација за третман, вработување…

„Клучните резултати од Холандија се дека бројот на лица, осоебено на оние што употребуваат хероин е во константно опаѓање. Само 7% од лицата што употребуваат опијати го прават тоа со инјектирање. Ова е најнизок процент на инјектирање на дроги во Европа. На пример, во Македонија над 80% што употребуваат дроги – употребуваат преку инјектирање“, нагласи тој.

Во Холандија постои и зголемен опфат на луѓе што бараат третман за зависности. На државно ниво е над 70%, а во некои градови и над 80% од луѓето се вклучени во програми.

„За споредба, во Македонија тој процент изнесува 20%. Понатаму, во Холандија константно се намалува смртноста поради употреба на дроги и намалува стапката на ХИВ. Од 2006-2012 се регистрирани само четири нови случаи на ХИВ, а по еден случај во 2016 и 2017“, потенцираше Деков.

Препораки од Анализата до македонските носители на одлуки

Граѓанските здруженија преку Анализата даваат препораки до македонското Собрание да донесе измена и дополување на Кривичниот законик. Јасно да се разграничи поседувањето на дроги и психотропни супстанци за лична употреба и да се спречи прогонот на оние што употребуваат дроги.

„МВР, Обвинителството и судовите доследно да ги спроведуваат одредбите од Кривичниот законик, со кој и сега не се забранува поседување на дрога за лична употреба, меѓутоа, судската пракса е сосема поинаква. Владата да започне процес за широка консултација за реформа за националната платформа за дроги, во која ќе се влучат институции, здруженија, експерти, здруженија и луѓе што употребуваат дроги“, нагласи Деков.

Овој процес, вели тој, треба да се базира на националните истражувања, научни докази и најдобрите пракси во светот, вклучувајќи ги и Португалија и Холандија.

Понатаму, Владата да воспостави соодветна структура за менаџирање на политика за дроги, затоа што, дополнува Деков, во овој момент таква структура не постои.

„Да се обезбеди долгоречен и одржлив начин за финансирање на програмите за намалување на штети од употреби од дроги, спроведувани од граѓанските организации. Меѓутоа, и оние други програми што се неопходни за спроведување на политиката за дроги базарана на човекови права и јавно здравје. Пример, да се отворат нови и подобрат постоечките програми за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на луѓето што употребуваат дроги. И, на крајот, да се подобрат и унапредат постоечките програми за третман на зависности“, потенцираше Деков.

Инаку, меѓународната конференција за модели и регулација на дроги на ХОПС и Коалиција Маргини се одржува на 18-19 ноември, поддржана и од Фондација Отворено општество – Македонија.

Бојан Шашевски