„Wire artworks“ на 17 ноември во Куманово

Занаетчискиот дом Куманово, салата на фондација за спорт и култура, од среда (17 ноември) од 19 часот ќе биде домаќин на изложби на уметнички дела од артисти кои организаторите сметаат дека ја обележаа оваа 2021 година. Ќе бидат претставена изложба на колажи од Игор Манојловски  Калц и дигитална уметност на Ѓорѓи Антевски.

„Игор Манојловски а.к.а Игор Калц (Скопје, Македонија) е дипломиран историчар на уметност, вработен како технички уредник, графички дизајнер и карикатурист во ‘Нова Македонија’. Со колажот како медиум, авторот се обидува понекогаш на духовит, но почесто на ироничен начин да си поигрува со познати или препознатливи визуелни елементи, ставајќи ги во некоја нова реалност“, стои во најавата за изложбата.

Ѓорѓи Антевски (2001, Куманово, Македонија) е млад уметник од Македонија, дипломирал во Semos Академија за графички дизајн, каде што има стекнато дел од неговото високо образование со предметот Ликовна естетика.

„Со дигитална уметност како медиум, авторот работи Концептуална уметност каде што ги прикажува неговите идеи и неговата естетика преку нацртаните концепти од кои што најчесто се ликови кои доловуваат мистерија, бизарност и суптилно хиперболизирање на реалноста“, соопштува организаторот.

Настанот е организиран со Поддршка на Министерство за култура и општина Куманово, а ќе се одржува согласно сите протоколи за организирање на настани во затворен простор.