Вработеноста на жените нагло опаѓа во Авганистан откако талибанците ја презедоа власта

Нивото на вработеност на жените во Авганистан драстично падна откако талибанската администрација ја презеде власта во 2021 година, според новите податоци објавени од Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Во четвртиот квартал од 2022 година, вработеноста на жените се проценува дека била за 25 отсто помала отколку во вториот квартал од 2021 година, пред кризата. Нивото на вработеност кај мажите е намалено за седум отсто во истиот период.

Ограничувањата на учеството на жените на пазарот на трудот придонесоа за ваквото опаѓање. Самовработувањето од домот стана доминантна форма на учество на жените на пазарот на трудот, што спречи натамошно опаѓање на бројката.

„Ограничувањата на девојките и жените имаат сериозни импликации за нивното образование и перспективите на пазарот на трудот“, рече Рамин Бехзад, виш координатор на МОТ за Авганистан.

„Обезбедувањето еднаков пристап на сите млади жени и мажи до квалитетно образование и обука, како и пристојни и продуктивни можности за вработување остануваат клучен предизвик и приоритет за иднината на авганистанската економија и општество“, додаде тој.

Новиот извештај открива дека за младите луѓе, на возраст од 15-24 години, влијанието врз вработувањето исто така било сериозно и непропорционално. Вработеноста на младите се проценува дека е намалена за 25 отсто во четвртиот квартал од 2022 година во однос на вториот квартал од 2021 година.