[Фото] Талибанците наложија да се покријат и главите на куклите за облека во Авганистан

На излозите во бутиците во Авганистан сега има „маскирани“ кукли со качулки на глава за да не им се гледа „лицето“. Куклите со материјал на главата станаа симбол на талибанското владеење во државата, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Талибанските власти претходно рекоа дека куклите треба целосно да се отстранат од продавниците или да се обезглават, но по разговор со продавачите се согласија на овој бизарен компромис.

„Не можам да им ги покријам лицата со пластични или грди работи затоа што тоа ќе направи и мојот излог да изгледа лошо“, изјавил еден трговец кој има своја продавница за женска облека.

Фото: Ебрахим Норузи 

Талибанците го следат строгото толкување на исламскиот закон кое забранува статуи и слики во човечка форма затоа што е можно тие да бидат почитувани и гледани како идоли. Од кога дојдоа на власт во 2021 година, тие организираа репресивна кампања за да ги држат жените подалеку од очите на јавноста.

Во ноември 2021 година талибанците им забранија на жените да се појавуваат на телевизија. Во март минатата година тие ги затворија средните училишта за девојчиња, додека пред еден месец им забранија на жените да студираат.

Протести пред универзитетите во Авганистан откако на жените им беше забрането студирање