Воената влада на Мјанмар денеска ја забрани работата на 40 опозициски партии затоа што не го испочитуваа крајниот рок за регистрација пред изборите, јавува Ал Џазира Балканс.
Меѓу нив е и Националната лига за демократија (НЛД) на Аунг Сан Су Чи, која беше соборена од воената хунта во 2021 година. НЛД веќе најави дека нема да се регистрира, оценувајќи ги изборите како лажни.
Партијата и други критичари велат дека изборите нема да бидат ниту слободни ниту фер во земја под воена управа која ги затвори слободните медиуми.
НЛД убедливо победи на изборите во ноември 2020 година, но во февруари 2021 година, војската ги блокираше сите избрани претставници да ги заземат места во парламентот и ја презеде власта. Тоа предизвика противење кај народот и започнаа демонстрации, кои беа насилно задушени.
Су Чи отслужува вкупно 33 години затворска казна откако беше осудена во серија процеси иницирани од војската. Нејзините поддржувачи велат дека обвиненијата се наместени за да ја спречат да учествува во политиката.