Во возилата на јавниот превоз во Прага се испитува присуство на Ковид-19

Институтот за физика при Академијата на науките и Јавното сообраќајно претпријатие во Прага (ДПП) иницираа земање примероци и тестирање на внатрешните области на јавниот превоз во Прага, со цел да дознаат дали може да го детектираат коронавирусот таму, јавува „Prague Morning“.

Месецов тие планираат да земат околу 500 примероци од површините и од воздухот во автобусите, трамваите, метро-возовите и станиците, а наодите од нивното истражување, се најавува дека ќе бидат достапни на крајот на мај.

Работници во заштитна опрема ќе земат брисеви од држачите во возилата, седиштата, контролните копчиња, терминалите за билети, скалите и други платформи.

Примероците потоа ќе бидат пренесени во лабораторија во Чешке Будејовице и ќе бидат тестирани преку новоразвиени „биосензори“ за откривање на вирусот. Земените примероци, исто така, ќе бидат проверени од страна на експерти преку ПЦР тестови.

„Честопати слушаме коментари во кои се тврди дека јавниот превоз е место каде што може да се зарази некој патник. Сепак, постојат голем број странски студии кои покажуваат дека јавниот превоз не е жариште за инфекции. Затоа, решивме да ја спроведеме оваа студија“, рече шефот за комуникации на ДПП, Даниел Шабик.

Јавното сообраќајно претпријатие одлучи испитувањето да се спроведе на линии во близина на поголемите болници во Прага.