Во светот со глад се соочуваат 345 милиони луѓе, соопшти Светската програма за храна

Бројот на луѓе кои се соочуваат со акутен недостиг на храна ширум светот е повеќе од двојно зголемен на 345 милиони од 2019 година, поради пандемијата со коронавирусот, конфликтите и климатските промени, објави Светската програма за храна (ВФП).

Пред кризата со коронавирусот, 135 милиони луѓе страдаа од акутен глад во светот, рече Корин Флејшер. Оттогаш бројките се зголемија, а се очекува дополнително да се зголемуваат поради климатските промени и конфликтите.

„Светот едноставно не може да си го дозволи ова. Сега гледаме десет пати повеќе раселување ширум светот поради климатските промени и конфликтите и секако дека тоа е меѓусебно поврзано. Навистина сме загрижени за комбинираниот ефект на коронавирусот, климатските промени и војната во Украина“, рече Флејшер.

Влијанието на украинската криза, како што објасни таа, има големи последици особено на Блискиот Исток и северот на Африка, наведувајќи го Јемен како пример, земја која увезува 90 отсто од потребите за храна, а околу 30 отсто од регионот на Црното Море.