Во Струмица отворена пекарница за реинтегрирација на лица од заедницата „Покров“

Здружението на граѓани „Избор“ во Струмица отвори пекарница што ќе функционира како социјално претпријатие.

Се работи за пекарницата „Бејгел“, каде што ќе се реинтегрираат лицата што го завршиле процесот на ресоцијализиација и третман во терапевската заедница „Покров“.

Сократ Манчев, претседател на „Избор“, вели дека неговото здружение на граѓани работи на советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависници од психотропни супстанции.

Според Министерството за труд и социјална политика, поддршката на ваквите иницијативи се обезбедува преку оперативниот план за вработување за кој оваа година издвоиле 1,1 милијарда денари.

„’Избор’ од Струмица е пример за тоа како мерките предвидени со планот може да помогнат. Ова е начинот на кој на сите треба да им биде дадена втора шанса, да се реинтегрираат и вратат на правиот пат и во иднина самите да придонесуваат за својата благосостојба“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Канцеларијата на Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ исто така го препозна потенцијалот на „Избор“ и овозможи адаптација на просторот и набавка на потребаната опрема.

„За да се искористи потенцијалот и да се обезбеди социјална интеграција на ранливите групи, треба да го охрабриме нивното учество во економијата. Затоа, верувам дека оваа нова пекарница ‘Бејгл’ во Струмица е одлична иницијатива и одличен модел“, рече Давид Оберхубер, директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Косово.