Во Малезија изречена првата пресуда затвор поради лажни вести

Дански државјанин со јеменско потекло во Малезија е осуден на една недела затвор поради дистрибуирање на лажни вести.

Салах Салем Салах Сулејман е првиот човек кој е осуден според новиот закон на Малезија, со кој се предвидува до шест години затвор за објавување на дезинформации.

Сулејман пред судот во Куала Лумпур призна дека објавил видео на Јутјуб, во кое ја обвинува брзата помош дека споро реагирала при спасување на Палестинец, член на Хамас, кој беше застрелан на 21 април во главниот град на Малезија. Тој истакна дека во Малезија бил на десетдневен одмор и оти не знаел за новиот Закон.

Сулејман треба да плати и парична казна од 10.000 рингити (3.379 долари), а ако нема пари да плати ќе одлежи еден месец затвор.

Убиениот Палестинец Фади ел Бач, кој според малезиските власти бил експерт за производство на ракети, беше застрелан од двајца непознати мажи. Роднините на Бач за убиството го обвинија Мосад, но Израел демантира.

Малезија на почетокот од месецот донесе Закон против лажните вести, што беше критикуван од организациите за заштита на човековите права дека ќе биде користен против опозицијата во очи на парламентарните избори, што се закажани на 9 мај.