Во Карпош кај поранешна „Алумина“ предвидени осум згради, соседите немаат право на жалба

Голем комплекс со вкупно осум нови згради, од кои шест со висина од 9 до 14 катови, а две големи кули од 25 до 35 катови, се предвидени да никнат на оградениот и празен простор на поранешна фабрика „Алумина“, крај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ (поранешен „Иво Лола Рибар“).

Општина Карпош го изготви Деталниот урбанистички план (ДУП) З06 блок 11 кој го опфаќа само делот на некогашна „Алумина“, за кој во тек е јавната анкета, а јавната презентација ќе се одржи на 12 декември во 13 часот во просториите на Општина Карпош.

Анкетни листови со забелешки на овој план можат да поднесат само оние кои се сопственици на земјиште во просторот на „Алумина“, но не и долгогодишните жители што имаат куќи веднаш до комплексот, бидејќи не се во блокот кој се планира.

Според 3Д презентацијата има растенија и дрвја на терасите, на просторот се изведени улици и мини-зеленило меѓу зградите, но нема ниту еден објект за јавна намена како градинка или школо.

Проблемот е што ваквите визуелизации досега не секогаш ја изразуваа фактичката состојба откако ќе се подигнат зградите. Така на пример, проектот кој беше најавен како урбана градина во Карпош, подоцна различно изгледаше во реалност, откако Радио МОФ направи споредба:

Граѓанската иницијатива Борба за Влае деновиве во својата реакција нагласи дека додега не виделе нешто слично како планот за Алумина, а кулите од 35 катови ги карактеризираше како „згради-монструми“

Од иницијативата посочија, кај другите ДУП-ови се жалеле дека е планирано малку зеленило и недоволно простор за објекти од јавен интерес (градинки, училишта…). Во ДУП-от за Алумина, пак, велат тие, нема ни скриени податоци.

„Јасно е што се прави. Таму има само грст згради од 9, 11 и 14 спратови. И две згради-монструми од 35 спратови.  Овој предлог ДУП личи како градоначалникот да не се грижи за општината, за Тафталиџе и за целиот град. Како да не се грижи ни за својот углед ни смета дека советниците имаат здрав разум. За зградата во Карпош 3 велеше ‘наместо 28 ката ние дозволивме градба на зграда од 17 ката’. Демек се грижи дека 28 ката се многу, па еве, само 17 е подобро – ‘радувајте се’.

За парцелата кај Алумина организираа партиципативни фокусни групи со НВО-а и граѓани. И на крајот што предлагаат за Алумина? Мега објекти од 35 спратови. Нит парк, нит нешто од јавен интерес. За градски четврт во кој нема жители кои можат да се пожалат на анкетниот лист бидејќи во таму имаше фабрика, не домови, а Општината не дозволува да реагираат другите жители ниту ги зема предвид коментарите од алатката е-урбанизам. Планира 35-катници и не дозволува соседите да дадат мислење“, забележаа од Борба за Влае.

Бојан Шашевски