Во Германија ќе се гради автопат за велосипеди, долг над 100 километри

Сонот на сите велосипедисти – патека без црвени светла, автомобили и какви било пречки, наскоро ќе стане реалност во Германија, каде властите ја пуштија првата делница од планираниот стокилометарски велосипедски автопат, прв таков во Германија.

Според планот, автопатот ќе поврзува десет германски градови, меѓу кои и Дуисбург и Бохум, а трасата во најголем дел следи напуштени железнички пруги во индустриската област Рур. Речиси два милиони луѓе живеат на два километри од планираниот автопат, па властите се надеваат дека на многумина од нив ќе им биде овозможено побезбедно и побрзо да стигнат до своите работни места. Со ова, се очекува на патиштата во регионот дневно да излегуваат 50.000 автомобили помалку.

Идејата за велосипедски автопатишта потекнува од Холандија и од Данска, каде се изградени првите вакви патеки. Во Германија, слични проекти се планираат и во Франкфурт и Минхен.

Ваквите нови патеки се голема надградба од стандардните германски велосипедски патеки со една лента. Новиот автопат ќе има ленти широки четири метри, ќе биде осветлен и исчистен од снег во зима и ќе се вкрстува со патиштата за автомобили само преку подвозници или надвозници.

Целиот проект за новата патека долга 100 километри ќе чини околу 180 милиони евра.