Во Белград ќе има нови избори, соопшти Српска напредна странка

Претседателството на владејачката партија Српска напредна странка (СНС) донесе одлука за одржување нови избори во Белград, соопшти на денешната прес-конференција Александар Шапиќ кој својата оставка од функцијата градоначалник на Белград ја поднесе во октомври 2023 година, јавува Н1.

„Сметаме дека една одговорна организација треба да ја подигне границата на легитимитетот и кредибилитетот и да покаже дека политиката не е математика“, изјави Шапиќ.

СНС, како што посочи Шапиќ, утре започнува со кампања во Шумице. Тој додаде дека за датумот на изборите ќе се одлучи подоцна.

„Белград стои веќе пет месеци и свесни сме за важноста на ЕКСПО кој е моторот на лансирањето на Србија и затоа сметаме дека изборите треба да се случат што е можно поскоро“, изјави тој

Инаку, изборите за локалната власт во главниот град на Србија се случија во декември минатата година, по што се одржаа неколку масовни протести на граѓани кои бараа поништување на изборите.

Собирите започнаа ден по парламентарните и локалните избори на кои победи владејачката Српска напредна странка. Опозициската широка коалиција „Србија против насилство“ ги отфрли како лажирани изборите за локалната власт во Белград и оттогаш бараше поништување на гласањето во главниот град и нови избори. Дел од политичарите од опозицијата започнаа и штрајк со глад, кој најавија дека ќе трае до исполнување на нивните барања.

Протестот на 25 декември го одбележаа бројни инциденти, граѓаните фрлаа камења и кршеа стакла од прозорите на Собранието, додека полицијата врз нив повеќе пати употреби солзавец.

Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ соопшти дека владејачката Српска напредна странка имала нефер предност на изборите поради пристрасност на медиумите, несоодветно влијание од страна на претседателот Александар Вучиќ и изборни нерегуларности, како купување гласови.

Масовен протест во Белград за поништување на изборите, полицијата употреби солзавец врз демонстрантите