Во 2024 година во Европа ќе има повеќе луѓе над 65 години отколку под 15 години

Во 2024 година, луѓето на возраст над 65 години ќе бидат побројни од оние помлади од 15 години во Европа, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), повикувајќи на подобрување на мерките за поздрава старост, пренесува Н1.

„Следната година се проценува дека популацијата на луѓе над 65 години ќе ги надмине оние под 15 години во европскиот регион на СЗО“, објави организацијата.

На глобално ниво, до таква ситуација веројатно ќе дојде околу 2064 година, според проекциите на институтот „Our World in Data“.

„Тој тренд укажува на нови социјални, економски и епидемиолошки предизвици“, додаде организацијата чиј европски регион опфаќа 53 земји, од кои некои се наоѓаат во Централна Азија.

Низ Стариот континент, продолжениот животен век често оди рака под рака со нарушено здравје.

Со цел да се ублажат ефектите од стареењето на населението, СЗО ги повикува властите да преземат мерки за „да им овозможат на постарите луѓе да го задржат и подобрат своето физичко и ментално здравје, независност, социјална благосостојба и квалитет на живот“.

Меѓу препорачаните мерки се издвојуваат урамнотежена исхрана и физичка активност од најмалку 150 минути неделно.