СЗО: Мајмунските сипаници повеќе не се глобална закана

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека мајмунските сипаници повеќе не се глобална закана, завршувајќи го речиси едногодишниот аларм поради вирусната болест чии случаи се потврдени во повеќе од сто земји, пренесува Ал Џазира Балканс.

Организацијата во јули 2022 година ги прогласи мајмунските сипаници за меѓународна итна јавноздравствена состојба и ја поддржа својата позиција во ноември и февруари.

Ваквата ознака на СЗО е дизајнирана да предизвика координиран меѓународен одговор и да ослободи ресурси за соработка во однос на споделувањето вакцини и третманот.

Повеќе од 87.000 случаи на мајмунски сипаници се потврдени ширум светот од почетокот на 2022 година до 8 мај оваа година, според најновиот извештај на СЗО.

Иако СЗО забележа постојан пад на бројот на пријавени случаи на почетокот на годината, оттаму исто така изразија загриженост за можното повторно избивање на случаи во некои региони и продолжување на пренесувањето во некои земји.