Владата не го продолжи мандатот на Тозија, нов директор на Агенција за филм ќе се бара преку јавен оглас

Владата на синоќешната седница констатира дека на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија му е завршен мандатот и донесе заклучок истиот да не биде продолжен, туку да биде објавен Јавен оглас за именување нов директор на Агенцијата.

На Тозија мандатот му заврши на 4 август. Тој на прес-конференцијата на 24 јули изјави дека побарал од Владата продолжување на мандатот, ден откако Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) потврди дека е покрената иницијатива за утврдување одговорност на в.д. директорот и побара до Владата да ги искористи можностите согласно Законот за филмска дејност и да го разреши од функцијата.

Антикорупционерите завчера на прес-конференција рекоа дека Владата во рокот од 60 дена одговорила на нивното барање. Сепак, поради пандемијата Владата не распишала оглас и не навеле дека ќе го разрешат Тозија.

„Конечно во последниот пасус на одговорот пишува дека одгoворноста, онака како што сме ја побарале, е предмет на позитивното законодовство во земјава и дека е тоа во надлежност на други органи“, рекао од ДКСК, упатувајќи ја претставката, иницијативата и одговорот до вицепремиерот за корупција Љупчо Николовски.

Инаку, ДКСК отвори предмети за работата на Тозија за предвремената исплата на филмски проекти од Агенцијата.

Радио МОФ пишуваше за „27-те проекти“ од почетокот на корона-кризата, проекти што беа во фокус и на испитувањата на антикорупционерите. „Транспаренси интернешнел“ на почетокот на јули објави дека поднела кривична пријава до Обвинителството за незаконски исплати од Агенција за филм. Пријавата на организацијата што се занимава со превенција и борба против корупција беше базирана и врз истражувачката сторија на Радио МОФ и извештајот на СДК.

Тозија потоа демантираше дека интервенирал во договори и вршел исплати на средства надвор од договорите. Исто така, дека никогаш не одобрил исплаќање на средства без банкарски гаранции, иако претходно на 24 јуни тврдеше дека доколку има „виша сила“, а проектите се во финална фаза, нема потреба од банкарска гаранција.

Меѓувремено, Агенцијата се закани со кривични пријави против редакциите на Радио МОФ, СДК и МКД за истражувачките стории во врска со неправилности во работата на Агенцијата. Заканите беа осудени од ЗНМ, но и од Репортери без граници, кои побараа „државните функционери да престанат со такво апсурдно заплашување кон медиумите“.

Бојан Шашевски