Антикорупциска со три предмети против Тозија, бара Владата да го разреши за незаконски филмски исплати

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска ја одржа својата 36 седница, по што потврди дека е покрената иницијатива за утврдуање одговорност на в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија. Законот вели дека Владата го именува и разрешува директорот, па има рок од 60 денови да им одговори на иницијативата. Меѓувремено, антикорупционерите поднеле и прекршочен платен налог до Тозија.

Причина за оваа иницијатива, како што рече Владимир Георгиев од Антикорупциска, е непостапувањето, односно прекршување на процедурите за исплата на филмските проекти согласно Законот за филмска дејност. Тоа е првиот од трите предмети против Тозија.

В.д. директорот ургентната исплата на 27 проекти во март ја окарактеризира како помош за независните филмски работници и продуцентски куќи, по што се појавија реакции од филмаџии и случајот влезе во јавниот фокус.

„Овој предмет е отворен врз основа на наводи во медиумите, но и на бројни претставки пристигнати до ДКСК, како и на низа известувања и укажувања од самото Министерство за култура“, рече Георгиев.

Дел од овие известувања се однесувале и за неизборот на филмски проекти, согласно првиот круг на годишниот Конкурс, кој наместо април се пролонгираше до јули. Резултатите беа објавени пред два денови.

Иницијативата на ДКСК била поткрепена и со наводите дека во Филмскиот совет на Агенцијата постојат ситуации на судир на интереси.

Од прес-конференцијата на Агенцијата за филм од 24 јуни, фото: Агенција за филм

„Директорот на Агенцијата има надлежност да именува членови на Советот, а во исто време има надлежност да именува филмски рецезенти. Меѓу тие 5 членови на Советот, двајца имаат двојно именување, т. е два члена кои ги ги оценуваат проектите и даваат мислење на самите себе. Му кажавме на директорот дека тоа е недозволиво и дека е судир на интерес и неспоивост, чекавме долго за одговор и на 17 јули не’ извести дека ги разрешил двајцата членови. Со оглед на тоа дека долго време чекавме, сепак одлучивме, за што ни дозволува Законот, да поднесеме прекршочен платен налог до директорот поради доцнење на одговорот“, рече Георгиев на прес-конференцијата.

Во однос на 27-те проекти кои биле во завршна фаза, антикорупционерите побарале целосна информација од Тозија уште во мај. Добиле листа со 29 филмски проекти.  Истовремено, ресорното министерство ги информирало дека се исплатени 30-31 проект.

Кога Радио МОФ истражуваше за „27-те проекти“, Агенцијата исто така ни достави 31.

„Конечно не може ни да се утврди колку фактички проекти биле исплатени во периодот помеѓу 20 и 23 март. Независно од ова, постапката околу финансирањето и исплатата на филмските проекти е уредена со Законот за филмска дејност, особено членот 34, 35, член 39 став 3. Исто така и договорот што се потпишува помеѓу филмските продуценти и директорот на Агенцијата за филм, содржи одредби, особено членот 5 каде се регулира дека динамиката на исплата од Агенцијата се врши процентуално согласно повеќе фази“, рече антикорупционерот.

Тоа, дополни Георгиев, е врз основа на доставена банкарска гаранција која соодејствува со самата динамика на реализација на филмот.

„Во ставот 4 од член 5 е регулирано дека натамошната исплата се врши врз основа на доставено барање од страна на продуцентот и оваа банкарска гаранција. Во договорот, ниту во Законот, не е содржан член според кој од причини на ‘виша сила’ директорот може да додели средства за следната фаза на реализација на проектот без продуцентот да приложи нова банкарска гаранција“, потенцираше Георгиев.

Антикорупциска забележа она што го објави и Радио МОФ – членот од договорот меѓу Агенцијата и продуцентите, кој го спомена Тозија и се однесува на „виша сила“.

„Ова не може да биде основ за вакво постапување на директорот, односно доделување на средства, затоа што се работи за една настаната ситуцаја, во која се веќе доделени средствата за одредена фаза на реализацијата на проектот и за што веќе била приложена банкарска гаранција. Значи, не може да се споредат оваа одредба од договорот со она дека за секоја фаза на реализација на филмските проекти мора да се достави оваа банкарска гаранција“, истакна Георгиев.

Инаку, „Транспаренси Интернешнел Македонија“ на почетокот на јули објави дека поднела кривична пријава до Обвинителството за незаконски исплати од Агенција за филм. Пријавата на организацијата што се занимава со превенција и борба против корупција е базирана и врз истражувачката сторија на Радио МОФ и извештајот на СДК.

Тозија потоа демантираше дека интервенирал во договори и вршел исплати на средства надвор од договорите. Исто така, дека никогаш не одобрил исплаќање на средства без банкарски гаранции.

Претходно, на прес-конференцијата на 24 јуни тврдеше дека доколку има „виша сила“, а проектите се во финална фаза, нема потреба од банкарска гаранција.

Бојан Шашевски