Транспаренси Интернешнел до Обвинителство поднесе кривична пријава за незаконски исплати од Агенција за филм

Транспаренси Интернешнел Македонија информира дека до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава во врска со незаконските исплати од Агенцијата за филм. Од таму потенцираат дека информациите за овој настан се обезбедени преку медиумите, а како прилог до Обвинителство се доставени електронски и отпечатени верзии на извештајот од истражувачко новинарство објавен од Радио МОФ на 25 јуни, како и извештајот објавен на порталот Сакам да Кажам објавен на 26 јуни. 

Кривичната пријава е поднесена од Транспаренси Интернешнел заради тоа што не добиле впечаток дека Јавното обвинителство ќе го преиспита овој случај по допрен глас, а во објавените новинарски текстови, велат тие, се содржани доволно информации од кои може да се согледаат незаконските дејствија на пријавениот, а објавен е и доказен материјал кој сметаат дека претставува јавна информација и не би ја загрозил идната истрага.

„Покрај поднесената кривична пријава ја повикуваме и Владата да преземе мерки во нејзина надлежност за да се спречи незаконско одлевање на средства од буџетот на државата. Во дополнение, потсетуваме на досегашната (лоша) практика на Јавното обвинителство да ги отфрла сите кривични пријави кои се однесуваат на трошење пари од буџетот во случаите кога парите иако незаконски, сепак се потрошени за намената (Случајот на Зоран Ставрески за кој слушнавме и во првата ‘бомба’ објавена во февруари 2015 година)“, се вели во соопштението на Транспаренси Интернешнел.

На овој начин, велат тие, се воведува правилото на неказнивост и недопирливост од правдата и се поттикнува своеволното и коруптивно однесување од поединци, кои иако од политиката се назначени на функциите треба работат во полза на јавниот интерес и да не будат недопирливи за законот.

„Го повикуваме обвинителството за овој случај веднаш да поведе постапка за утврдување на одговорност за сторено кривично дело како и да започне соодветна финансиска истрага и да го проследи текот на парите“, велат од организаијата.

Од таму потсетуваат дека на прес-конференција оддржана на 24 јуни 2020 година, директорот за Агенцијата за филм, изјави дека филмските проекти избрани на конкурсите на Агенцијата за филм ги финансирал без банкарска гаранција, и дека тоа го сторил со примена на член од договорите склучени со филмските продуценти според кој „Агенцијата нема да ја активира банкарската гаранција, како и нема  да го раскине договорот доколку продуцентот не одговара на обврските од овој договор поради причина на виша сила, односно ако исполнувањето на обврската станала невозможна поради вонреден настан кој се склучил по склучување на Договорот, а кој во времето на склучување на договорот не можел да се предвиди, ниту да се спречи, избегне или отстрани“.

Директорот Горјан Тозија и претседателот на Управниот одбор Александар Касапинов на прес-конференција на Агенција за филм

„Со ваквото постапување кое е во спротивност со Законот за филмската дејност и со склучените договори на Агенцијата за филм со филсмките проекти избрани на конкурсите на Агенцијата за филм, директорот на Агенцијата сторил кривично дело ‘Злоупотреба на службената положба’ 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а делото е сторено со повреда на членот 34 од Законот за филмската дејност“, соопштуваат од Транспаренси Интернешнел.

Имено, согласно член 34 од Законот за филмската дејност, велат тие, продуцентите избрани на конкурс на Агенцијата, се стекнуваат со право да склучат договор со Агенцијата доколку достават договори со други продуценти, правни и физички лица со кои потврдуват дека ги обезбедиле во целост средствата предвидени во буџетот за реализација на филмскиот проект и банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средствата кои се обезбедени од Агенцијата.

Објаснуваат дека во Законот за филмска дејност строго е предвидена структурата на Договор, а во овој случај пријавениот го изменил текстот на договорот, со што постапил спротивно на законот и на тој начин ја злоупотребил својата службена положба и овластување.

„Имено, членот 8 од Договорот во никој случај не е и не може да биде основ директорот да додели средства за нова фаза од реализација на проектот без банкарска гаранција. Тој регулира затекната состојба, во која средствата за одредена фаза од реализацијата на проектот се веќе доделени и е приложена банкарска гаранција, и тоа е сторено пред да настане некој настан кој претставува виша сила или некој вонреден настан. На овој начин, со работа спротивна на Законот за филмската дејност и склучените договори, директорот на Агенцијата за филм доделил средства за финансирање на повеќе од 30 филсмки проекти во износ од 50.000.000 денари, средства кои се обезбедени во Буџетот на Република Северна Македонија. Со преведувањето на средствата, без да биде приложена банкарска гаранција, директорот на Агенцијата за филм не ги заштитил средствата на Агенцијата, кои се буџетски средства и со тоа го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија“, соопштуваат од Транспаренси Инернешнел.

Инаку, Антикорупциска комисија веќе потврди дека и тие го истражуваат случајот со Агенцијата за филм.

Радио МОФ кога истражуваше се појавија реакции од филмаџии за исплатите на филмските проекти и годинешниот конкурс на Агенцијата. Министерството за култура за Радио МОФ рече дека имаат сознанија за износот на потрошените средства од Агенцијата во првите шест месеци, но не и за законскиот основ според кој се потрошени и за тоа дали средствата се потрошени наменски согласно Законот за филмска дејност.

Агенцијата негираше дека дала зелено светло за исплата без банкарски гаранции.

Истовремено, Друштвото за филмски работници дадоа поддршка на мерките на Агенцијата и ургентното префрлање на рата за проектите што се завршени или се во поодмината фаза.

Б.Ш.