Со „виша сила“ се исплаќаат договорите на Агенцијата за филм

Агенцијата за филм деновиве повторно е во јавниот фокус. Антокорупциска комисија јавно се произнесе дека ќе го „чешла“ нејзиното работење, додека Министерството за култура побарало извештај за финансиските трошења.  Предвремените исплати на филмаџиите добија нов момент – со член „виша сила“ во договорите, Агенцијата  даде зелено светло за исплата без банкарска гаранција на филмските проекти. Годинешниот Конкурс, пак, сега од крај на јуни се одложи за крај на јули.

Агенцијата за филм стана предмет на истрага за Антикорупциска откако стигнаа претставки за предвремена исплата на филмски проекти. Ургентото исплаќање на 27 проекти на почетокот на корона-кризата, директорот на Агенцијата, Горјан Тозија, го окарактеризираше како помош за независните филмски работници и продуцентски куќи.

Оваа мерка Агенцијата ја најави на 24 март, за исплата во тек на два дена.

Прво, се споменуваше дека се работи за проекти „во поодмината фаза на реализација, оние што се завршени или пред завршување“. Потоа на 4 јуни, Тозија вели дека може да бидат во „различна фаза“ за да се доисплатат филмовите. Меѓувремено, Агенцијата наиде на критики во јавноста и дел од филмаџиите. Спорно е тоа според Законот за филмска дејност пред склучување на договорот, продуцентот треба да достави и банкарска гаранција во висина од 25% од износот од средствата од Агенцијата.

Тозија: Не гледам грешка 

Сите овие работи вчера го натераа директорот Тозија да свика прес-конференција. Тие 27-28 проекти се завршени со снимање, вели тој, или во финална монтажа. Во член од договорите, постои „виша сила“, па не гледа потреба од банкарска гаранција.

„Доколку дојде до виша силa, не треба банкарска гаранции, подоцна ќе се најдат. Не треба такви некои документчиња малечки, со кои навистина административно е оптеретен еден филм. Се надевам со новиот закон, ќе ги решиме тие работи. Се повикав на тој член, консултирав правници, адвокат кој е на Агенцијата“, рече Тозија.

Директорот што е при крајот на мандатот, кажа дека банкарска гаранција се бара за да бидете обезбедени дека филмот ќе биде снимен и завршен. Но, вели дека ако филмот е 95-97% финализиран, не треба да се оптеретува продуцентот во кризна ситуација.

Додава, Агенција за филм е член на многу интернационални институции, соработуваат на европско ниво, а членки се на „Еуроимаж“. Потписници се и на Конвенцијата за европска кинематографија.

„Не’ обврзуваат да ги усогласиме работите. Тргнаа со вакви мерки, па многу природно ми беше, луѓето што ги завршиле филмовите, потпишаа изјава дека по завршувањето на корона ситуацијата ќе ги исполнат сите обврски. Се потпишаа изјавите, притоа парите беа дадени, не за продуцентите, туку за слободните филмски работници, кои во моментов се најзагрозени, зашто ништо не се снима. Тоа е многу хумано“, вели тој, додавајќи дека не гледа грешка, но ако нешто погрешил – со задоволство ќе одговара.

За разјаснување на наведеното прашање, направивме увид во договори кои Агенцијата ги склучува со продуцентите избрани на конкурсот. Во овие договори се содржани стриктни одредби според кои Агенцијата ги доделува средствата. Заради сложеноста на проектите, средствата се доделуваат во повеќе фази. Директорот, за основ на доделените средства што сега се предмет на различно законски испитување, се повикува на овој член од Договорот:

Според Валентин Пепељугоски, адвокат и професор по авторско право, ваквото толкување од Законот не е точно. Тој вели дека и Законот, и склучените договори, се многу јасни. Банкарската гаранција е обврска која мора да биде дадена, за Агенцијата за филм да додели пари.

„Членот кој се однесува на ‘виша сила’, кој е цитиран, зборува дека во случај на виша сила или вонредна околност, банкарската нема да се активира. Директорот мора да побара банкарска гаранција, а негово право е да одлучи дали се исполнети условите во секој проект, секој случај поединечно, дали ќе ја активира банкарската гаранција“, забележува Пепељугоски.

Што се однесува до тоа дека парите се исплаќаат за независните филмски работници, смета адвокатот, и тоа не е точно, бидејќи парите Агенцијата ги исплаќа на продуцентите.

„А продуцентите ги исплаќаат согласно договорите што ги имаат склучено со филмските работници“, потенцира Пепељугоски во разговор со Радио МОФ.

Што е работата со одобрените проекти?  

Агенцијата овие 27-28 проекти ги наброја како –  наследени обврски. Завршени проекти.

Но, како што објави и СДК.мк, во датабазата Отворени финансии на Министерство за финансии, се гледа дека меѓу исплатените има и повеќе проекти кои не се ниту почнати. Според датабазата, во периодот март-мај 2020, има околу 50 исплати со вкупно близу милион евра, на проекти кои се одобрени на конкурсите на Агенцијата од 2014 до 2019 година. Главните исплати се на 17, 20 и на 24 март.

Агенцијата тврди дека се околу 35 милиони денари (над 560.000 евра) – за тие 27 проекти.

Радио МОФ ја побара листата од Агенцијата. Ни доставија 31 проект, за првиот квартал од 2020, согласно склучените договори за финансирање:

Во листата се вброени вкупно одобрените средства и колку остануваат за исплата. Ако споредиме со Отворени финансии, има и филмови од наведените продукции што ги нема во овој преглед, а е вршена некаква исплата во првите три месеци.

Вклучените продукции од листава и сите нивни филмови сочинуваат само околу 45 милиони денари (околу 730.000 евра). Засега, не се знае колку и дали некој од овие се вклучени во „чешлањето“ на Антикорупциска за работата на Агенцијата за филм.

Базата Отворени финансии вели дека во 2020 најмногу се доделени за филмовите „Сирена во Париз“ (6.280.140 денари) на 24 јануари, „Сирена“ на 6 и 7 февруари (по 3 милиони) и „Исчезнатиот“ (4,7 милиони) на 11 март. Останатите највисоки суми се после 20 март, кога Агенцијата го најави првиот бран помош за филмаџиите. За „Хомо“ има одобрено 4,2 милиони, „Сестра“ (3,6 милиони), „Најтешкото нешто“ (3 милиони), „Скриениот“ (2,4 милиони), „Стела“ (2,7 милиони), потоа „Изчезнатиот“ со уште 2 милиони, „Снежана на крајот умира“ (1.230.000)…

Агенцијата за филм со Уредба од Владата од 26 мај, преку Фондот за справување со кризата, доби интервентна поддршка од 3.500.000 денари. Ова се дополнителни средства што одат преку Јавен повик на Агенцијата. Треба да опфатат приближно 100 филмски работници, кои за месеците април и мај ќе добијат по 14.500 денари.

Министерство за култура: Немаме сознанија за законскиот основ за трошењето на средствата

За другите, споменувани 27 проекти се обративме до Министерство за култура. Нагласуваат, вонредната состојба од аспект на финансирањето на филмската дејност, не дава никаков основ да се прават исклучоци во примената на Законот за филмската дејност. Тоа важи и за реализација на започнати филмски проекти и нивна исплата.

„Од тој аспект не станува збор за посебни финансиски мерки за филмските работници кои се применуваат за вонредна состојба, туку за тековно финансирање на филмската дејност под услови утврдени со Закон, кои во предметниот период се поажурно спроведени од Агенцијата“, одговараат од Министерството.

Согласно Законот за филмска дејност, Агенцијата има својство на правно лице и е самостојна во својата работа. Агенцијата за својата работа одговара пред Владата. Агенцијата до Владата доставува шестмесечен и годишен извештај.

„Министерството за култура има сознанија за износот на потрошените средства од Агенцијата за филм во првите шест месеци од оваа година, но не и за законскиот основ според кој се потрошени средствата и за тоа дали средствата се потрошени наменски согласно Законот за филмската дејност“, велат од таму.

Со цел утврдување на фактичката состојба за средствата, Министерството со допис бр. 53-6500/2 од 26 мај побарало Агенцијата да достави Извештај. Не одговараат дали има епилог од барањето.

„И од аспект на законското и наменското користење на средствата на Агенцијата, Министерството ќе постапи во согласност со позитивните законски прописи. Министерството континуирано врши контроли и во останатите единки корисници на буџетот над кои има надлежност“, забележуваат од Култура.

Агенцијата побарала филмскиот Конкурс еднаш годишно да се одлучува

Поради коронакризата, наместо април-мај, резултатите од првиот конкурс на Агенцијата за филм треба да се очекуваат на крајот на јули. Ова вчера го потврди и директорот Тозија. Потврди и дека побарал од ресорното министерство годишниот конкурс за филмови да не биде во два рокови на одлучување, април и октомври, туку да се спои.

Министерството не му дозволило да се врши измена.

„Евентуалната измена на Конкурс кој е завршен (затворен) ќе биде во директна спротивност со позитивните законски прописи, од причина со тоа што се нарушува начелото на владеење на правото и непосредно се создава состојба на правна несигурност на учесниците во постапката на Конкурсот“, се вели во допис на Министерството до Агенција за филм од 23 април.

Агенцијата се пожали дека годишниот Буџет со кризниот ребаланс им е намален за околу 750.000 евра, или некаде 45 милиони денари. Па, оттука биле побудите за спојувањето.

„Од министерството ми беше кажано дека, бидејќи роковите се поместени, нели поради короната, треба да биде крај на јуни, значи крај на овој месец. Меѓутоа, како вонредната состојба уште се помести, и тие денови влегуваат во пресметките, па нас ни доаѓа некаде крајот на јули“, вели Тозија.

Директорот тврди – законот не е погазен и конкурсот не е завршен. Се осврна и на незадоволството кон конкурсот од страна на Милчо Манчевски, за кој рече дека шири дезинформации во јавноста. Смета дека треба да им се даде шанса на млади автори.

Режисерот на „Пред дождот“ и „Врба“ е еден од оние што имаат дадено претставка до Антикорупциска комисија. Манчевски вели дека ќе се обиде да има доверба во институциите. Ќе почека Антикорупциска, ОЈО, Управен инспекторат и Министерство за култура да се произнесат за евентуални судир на интереси и други постапки во Агенцијата.

„Во меѓувреме, ќе се концентрирам на проектот кој сега го подготвувам и во кој се веќе активни продуценти од дури осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија. Доколку Македонија навистина го поништи конкурсот како што најави Тозија, јас ќе бидам принуден да го снимам филмот без македонско учество. За жал, нема да е прв пат – и во ‘Пред дождот’, кога Тозија беше директор на ‘Вардар филм’, Македонија влезе во проектот кога снимањето беше скоро завршено“, вели Манчевски.

За Министерството за култура е од особено значење активностите во културата да не замрат, поради што ценат дека и недонесувањето на одлука во предметниот рок исто така негативно би се одразило на континуитетот на филмската дејност во земјава.

„Особено од аспект на непотребно одложување на тековните активности на кои пандемијата нема влијание, како што се развојот на проекти и соработката со странски копродуценти и странски филмски фондови во развој на мнозински и малцински проекти“, потенцираат од Министерството.

Неисплатата на „Зоки Поки“ и кривичната пријава за „Ослободувањето на Скопје“

Периодов е актуелна детската серија „Зоки Поки“. Таа заврши со емитување минатиот месец, а Агенцијата за филм се уште ги нема целосно исплатено парите кон продукцијата „Кино око“ на Роберт Насков, кој пак во февруари поднесе кривична пријава против Горјан Тозија за филмот „Ослободувањето на Скопје“.

Пријавата е од продуцентската куќа „Партизанс“, на Насков и Александар Поповски. Тие сметаат дека Тозија, Игор Нола и МП Филм продакшн од Загреб во неколку наврати се прикажале како продуценти на филмот „Ослободување на Скопје“ и правата за дистрибуција на филмот им ги продале на неколку други компании.

Тозија во филмот бил ангажиран од „Партизанс“ како надворешен соработник.

Агенцијата за филм во 2014 го поддржа „Ослободување на Скопје“ со 1.25 милиони евра, но Насков и Поповски сметаат дека Тозија, кој стана директор на Агенцијата во август 2017, претходно со неовластената продажба го оштетил буџетот со над 20.000 евра, бидејќи дел од парите за дистрибуција треба да се вратат во Агенцијата.

Сега, Насков не сака да верува дека пријавата е поврзана со нецелосното исплаќање кон „Зоки Поки“. Агенцијата тврди дека воопшто не се поврзани овие два случаи.

„Да ги разграничиме овие две работи. Тој поднесува кривична пријава. Дали таа кривична пријава ќе биде усвоена, поддржана, не знам во моментов. Јас досега немам ништо добиено во Агенцијата, ниту лично (потврда н.з.) дека ми е подигната. Може ќе биде, не викам не. Во тој филм (‘Ослободување на Скопје’) сум учествувал како фриленсер, не сум бил директор на Агенцијата. Околу исплатата на ‘Зоки Поки’, таа досега е над 90%, се работи за еден многу мал дел. Не е во мои раце, Управниот одбор ги носи тие одлуки“, вели Тозија.

Тој во „Зоки Поки“ гледа дека е спорно што секоја епизода требало да трае 30 минути, а на крајот тие се од 19 до 24-25 минути. „Кога ќе се собере целото време, 80 минути е помалку снимен материјал. Парите остануваат исти, а епизодите се намалуваат“.

Александар Касапинов, претседателот на Управниот одбор на Агенцијата, тврди дека останале уште 1,8 милиони денари за исплата, но, продуцентот требал да го достави финалниот буџет, од вкупно 29 милиони, за да видат како се’ е трошено кај „Зоки Поки“.

„Досега два-три пати сме имале преписки, и никако од продуцентот да го добиеме финалниот буџет. Нека го достави. И ние сакаме тој предмет да се затвори“, вели Касапинов.

Од друга страна, Насков се јавува со поразличен став. Порачува „за претседателот на Управниот одбор Александар Касапинов е подобро да ги чита доставените документи наместо да ги слуша приказните на в.д.директорот Горјан Тозија“.

„Тогаш би дознал дека буџетот за серијата ‘Зоки Поки’ за кој тој зборува и останатата документација е доставена во Агенцијата за филм во октомври минатата година, веднаш откако е потпишан договорот со Македонската телевизија. Горјан Тозија многу добро знае дека штом имате нов партнер во проектот, нормално е да има промена на буџетот“, потенцира Насков.

Од тогаш, дополнува тој, се поминати сите законски рокови за постапување и одлучување. Зарем не му е на Александар Касапинов малку чудно зошто до сега в.д. директорот Тозија не ја доставил документацијата за серијата и зошто таа не е разгледувана на седница на Управниот одбор?, прашува Насков

„Колку е информиран Касапинов за тоа што се случува во Агенцијата за филм говори неговата изјава дека последната исплата што ја одобрил Управниот одбор е во февруари годинава и дека од тогаш нема други исплати на пари, а милионските исплати за 27 проекти се извршени во втората половина на март. Интересно е што в.д. директорот Горјан Тозија одлуката за неисплаќање на сите средства за серијата ‘Зоки Поки’ ја префрла на Управниот одбор, а истиот не го информираше за исплатите на 27 проекти, туку своеволно одлучи на кои проекти незаконски без банкарски гаранции предвреме ќе им ги исплати средствата. Инаку, да го информирам в.д. директорот Тозија дека сум презадоволен, многу среќен и горд на успехот на серијата ‘Зоки Поки’. Доказ за тоа се реакциите и коментарите на гледачите. Доколку в.д. директорот не би бил толку полн со гнев и омраза би можел да дознае и да го признае успехот на серијата. Во најмала рака е непрофесионално и некултурно да зборувате лошо за проект кој сте го финансирале со буџетски средства“, е ставот на Насков.

Најави на Агенцијата за филм за 2020 година

Агенцијата вели дека по успесите на македонската кинематографија во 2019, оваа година е повторно на Санденс со „Налепница” на Филип Унковски, „Снежана на крајот умирa” на Кристијан Ристевски ќе биде прикажан во рамките на програмата „Works in progress“ штo е дел од филмскиот маркет на фестивалот Карлови Вари, а на е-павилјонот на Канскиот фестивал Македонија ќе презентира 8 играни филмови.

„Она на што сме посебни горди е и статистиката во последните години во однос на дебитанти режисери, дебитанти продуценти и зголеменото учество на жени режисери и продуценти. Последните 8 проекти кои се или во завршна фаза или пред премиера, дури 6 од нив отпаѓаат на дебитанти режисери и продуценти”, вели директорот Тозија.

Информираше за отчет на потрошениот буџет во 2019 – „Факти и бројки“. Агенцијата во соработка со Друштвото на филмски работници подготвиле и Протокол за снимање филм во време на Ковид-19, кој е доставен до Комисијата за заразни болести и се чека на одобрување.

Првиот филм кој ќе почне да се снима од јули е „Преекспониран“ на режисерката Елеонора Венинова.

Бојан Шашевски