Агенција за филм: Договорите за филмските проекти се склучени со банкарски гаранции, но не се активирани

Агенцијата за филм демантира дека дала зелено светло за исплата на проекти без банкарска гаранција, една недела по објавата на текстот на Радио МОФ насловен „Со виша силасе исплаќаат договорите на Агенцијата за филм”. 

„Предвремената исплата на проектите е направена врз основа на веќе дефиниран и предвиден буџет кој е доделен на Агенцијата за филм, а македонската продукција во полн ек работи на филмските проекти за кои се потпишани договори во период пред настанувањето на КОВИД кризата и се дел од тековното работење на Агенцијата за филм. Што значи дел од текстот дека Агенцијата даде зелено светло за исплата без банкарска гаранција, не е точен бидејќи договорот е склучен со постоење на банкарски гаранции, но истите не се активирани, бидејќи нема потреба штом проектите се или завршени или во завршна фаза, а мерката ВИША СИЛА како член во договорите е само уште едно покритие дека во вонредна ситуација, се дозволени мерки кој ќе му помогнат на продуцентот да го финализира проектот.

Агенцијата покрај банкарската гаранција има уште еден поголем механизам, правна заштита во случај на неисполнување на обврските на продуцентската куќа, тогаш Агенцијата за филм го активира и договорот кој е солемизиран (договорот добива извршна исправа). Во ваков случај, продуцентската куќа одговара со својот имот. Во овој случај, Агенцијата за филм, односно буџетските пари се двојно заштитени“, стои во демантот на Агенцијата.

Пред десет дена на прес-конференција на Агенцијата, на прашање на Радио МОФ за банкарските гаранции, директорот на Агенцијата, Горјан Тозија изјави: „Доколку дојде до виша сила, не треба банкарска гаранција, подоцна ќе се најдат“.

„Не треба такви некои документчиња малечки, со кои навистина административно е оптеретен еден филм. Се надевам со новиот закон, ќе ги решиме тие работи. Се повикав на тој член, консултирав правници, адвокат кој е на Агенцијата“, рече Тозија.

Исто така, рече дека: „Банковна гаранција се бара, за вие да бидете обезбедени дека филмот ќе биде снимен и завршен. Ако филмот е 95%, 97% завршен, не можете да го оптеретувате продуцентот, во ваква ситуација, да ви носи банкарска гаранција“.

Како појаснување, од Агенцијата сега велат дека, при настанатата ситуација произлезена од КОВИД-19, консултирајќи ги сите европски партнерски институции, Агенцијата се обратила до сите продуцентски куќи каде биле замолени да се изјаснат како може да им се помогне.

„При добивање на одговорите од страна на продуцентските куќи, добивме вкупно 27 одговори на анкетните листови, а останатите одговори се предмет на ненавремено пристигнат допис од страна на продуцентските куќи. Мора да се земе во предвид и дека дел од одредбите кои се согласно со договорите (официјални премиери на филмските проекти во кино салите) не можеа да бидат извршени поради КОВИД кризата за која е донесена уредба од страна на Владата на Република Северна Македонија.

По завршување на овој процес, продуцентските куќи потпишаа изјави во кои се обврзаа: По завршување на суспензијата предизвикана поради КОВИД-19, ќе ги изврши сите обврски кон Агенцијата за филм на Република Северна Македонија кои произлегуваат од потпишаниот договор за проектот со работен наслов, меѓу кои и достава на сите копии до Агенцијата за филм и Кинотека на Република Северна Македонија како и одржување на локална премиера на филмското дело по завршувањето на кризата“, велат од Агенцијата, доставувајќи ни и документи – допис-анкета до продуцентските куќи (прва и втора страна) и изјава од продуцентските куќи (тука).

Радио МОФ претходно објави за исплаќање на 27 проекти на почетокот на коронакризата, кои директорот Тозија ги окарактеризира како помош за независните филмски работници и продуцентски куќи. Оваа мерка Агенцијата ја најави на 24 март, за исплата во тек на два дена.

На прес-конференцијата Тозија рече дека се работи за 27-28 проекти, кои се завршени, или во финална монтажа. Соопшти дека се работи за околу 35 милиони денари. Исто така, нагласи дека луѓето што ги завршиле филмовите, потпишале изјава дека по завршувањето на корона ситуацијата ќе ги исполнат сите обврски.

„Се потпишаа изјавите, притоа парите беа дадени, не за продуцентите, туку за слободните филмски работници, кои во моментов се најзагрозени, зашто ништо не се снима. Тоа е многу хумано“, рече тој.

На барањето да ни ги достават филмските проекти, од Агенцијата ни приложија 31 проект, за првиот квартал од 2020, согласно склучените договори за финансирање. Споредивме со датабазата Отворени финансии на Министерство за финансии, каде има и филмови од наведените продукции (од 31-от проект) што ги немаше во прегледот доставен од Агенцијата, а е вршена некаква исплата во првите три месеци.

Министерството за култура, пак, ни одговори дека имаат сознанија за износот на потрошените средства од Агенцијата во првите шест месеци, но не и за законскиот основ според кој се потрошени средствата и за тоа дали средствата се потрошени наменски согласно Законот за филмската дејност.

Околу годишниот конкурс, Агенцијата веќе напомена дека барале да се спои неговото одлучувањето во еден, наместо во два рокови. Министерството не дозволило да се врши таква измена.

„Од министерството ми беше кажано дека, бидејќи роковите се поместени, нели поради короната, треба да биде крај на јуни, значи крај на овој месец. Меѓутоа, како вонредната состојба уште се помести, и тие денови влегуваат во пресметките, па нас ни доаѓа некаде крајот на јули“, рече Тозија на прес-конференцијата.

Агенцијата во реакцијата тврди дека процедурата за конкурсот за 2020 е во тек, нема никакво поништување, ниту пак било барано поништување на конкурсот за 2020 од страна на Агенцијата за филм до Министерството за култура.

„Она што треба повторно да се објасни на јавноста е дека треба да се прави разлика за исплатите кои се исплатени за време на тековното работење на Агенцијата и она што се вели ‘Корона мерки” кои произлегуваат од цело настанатата ситуација. Сите потпишани договори и исплати во тековното работење на Агенцијата, се со сите потребни правни документи согласно Законот за филмска дејност. Одовде додаваме дека, заклучно со првиот квартал од 2020 година исплатени се вкупно 19 проекти во тековното работење на Агенцијата за филм, а 31 проект во услови на Корона кризата, кои влегуваат во траншата исплати на 20, 23 и 24 март“, стои во реакцијата на Агенцијата.

Исто така, Агенцијата во демантот пренесува и изјава од Тозија, кој смета дека:
„Министерството за култура се стави во функција на Милчо Манчевски, при тоа занемарувајќи го фактот дека Агенцијата е основана од Владата и навлегува во нејзините ингеренции и го нарушува нејзиниот интегритет, нанесувајќи голема штета на Агенцијата и на сите филмски работници преку медиумски тенденциозни провлекувања наместо да помага и овозможува што поуспешни филмови и нивно претставување во светот“.