ЗНМ: Агенцијата за филм продолжува со закани и непримерна комуникација со медиумите

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) повторно ја осудува непримерната јавна комуникација на Агенцијата за филм која на сличен начин како и минатиот пат, преку непотпишано соопштение објавено на 27 јули 2020 година, јавно се пресметува со онајлн медиумите sdk.mk, mkd.mk и radiomof.mk.

„Лошата пракса која ја има Агенцијата за филм во начинот на комуникација со новинарите нема да се подобри ако јавно им се закануваат со кривични тужби за нивни претходни објави. Доколку одговорните лица од Агенцијата сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела или да побараат исправка и демнат“, стои во реакцијата на ЗНМ.

Од ЗНМ потенцираат дека јавна закана со кривичен прогон особено од институција која се финансира пред се’ од јавниот буџет, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми, која служи истите да ги дискредитира, но и да се одвратат да се бават со теми кои се од делокругот на работата на Агенцијата.

„Потсетуваме дека менаџери на институции кои се финансирани од граѓаните како и на лица кои се именувани од страна на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија. Исто така, ги потсетуваме нашите колеги дека ако им е потребна бесплатна правна помош со цел штитење на нивните права во вршење на професионално новинарство дека ЗНМ стои на располагање“, велат од ЗНМ, кои претходно реагираа и за грубите дискфалификации искажани кон новинарката Марина Костова.

Инаку, Агенцијата за филм во соопштението се закани со тужби и ги дискредитираше независните истражувачки медиуми sdk.mk, mkd.mk и radiomof.mk. за наводно нарушување на угледот на Агенцијата поради истражувачките текстови со кои се укажа на неправилностите во работата на оваа државна институција, а кои се и предмет на истрага на Антикорупциска комисија.  Исто така, „Транспаренси Интернешнел Македонија“ на почетокот на јули објави дека поднела кривична пријава до Обвинителството за незаконски исплати од Агенција за филм, базирана врз новинарски истражувања и текстови.