Владата ќе прави анализи и пресметки за зголемување на платите во високото образование

Владата ќе прави детални анализи и пресметки за зголемување на платите во високото образование и наука. Ова е еден од заклучоците на денешната средба помеѓу Владата и Синдикатот на УКИМ, од кој пак беше побарано да направи реорганизација на факултетите и воведување на нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високо образовните установи.

Синдикатот на УКИМ бара зголемување на платите на професорите и потпишување посебен Колективен договор за УКИМ, независно од веќе постоечкиот Колективен договор со СОНК, што беа и теми на денешната средба.

„На состанокот, од страна на премиерот и на министрите беше истакнато дека навистина треба да се цени и вреднува работата на професорите, но и дека мора да ги имаме и предвид состојбите во државата во услови на економска криза. Исто така, беше посочено дека во изминатите четири години платите на вработените на универзитетите се зголемени за вкупно 20%, односно, 5 % од септември 2019 година, 8 % од септември 2021 година и 7 % од септември годинава“, соопштија од Владата.

Од Синдикатот пред околу две недели најавија медијација пред штрајк доколку не се реализира средбата со Владата, за која претходно посочија дека им е најавена.

Во дворот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на 2 јуни, Синдикатот одржа предупредувачки протест протест на професорите и членовите на Сојузот на синдикати на УКИМ кои побараа покачување на платите на научните работници и ненаставниот кадар.

„Автономија без достоинствени плати е илузија“ – протест на Сојуз на синдикати на УКИМ