Штрајк ако не отпочнат колективни преговори – Синдикатот на УКИМ со ултиматум до Собранието

Сојузот на синдикати на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје најави штрајк ако во рок од седум дена не добие писмен одговор од Собранието за почнување колективни преговори.

„Доколку во рок од седум дена не добиеме писмен одговор за отпочнување колективни преговори, ќе бидеме принудени преку штрајк да бараме остварување на нашите права, загарантирани со Устав и закон“, се наведува во отвореното писмо кое Сојузот на синдикати на УКИМ го упатил до Собранието на 27 мај.

Оттаму посочуваат дека на 11 ноември, минатата година, поднеле барање до Собранието, како основач на најстариот и најголемиот универзитет во државата, за почнување колективни преговори и потпишување колективен договор на ниво на работодавач. Но, како што се наведува во отвореното писмо, иако ги исполниле сите услови како репрезентативен синдикат на УКИМ, до денеска не добиле никаков одговор од Собранието.

Ова не е прва ваква реакција што доаѓа од Сојузот на синдикати при УКИМ. Тие и во април го изразија своето незадоволство од владиниот предлог за колективен договор за високо образование.

Оттаму реагираа дека најавеното покачување на платите предвидено во Колективниот договор помеѓу Владата и СОНК реално не го вреднува трудот на вработените во високото образование и нема да придонесе за подобрување на материјалниот статус во високото образование.

Сојуз на синдикати на УКИМ бара Колективен договор што ќе ги изразува барањата на вработените на Универзитетот

Од Владата, пак, велат дека со овој Колективен договор ќе се уредува системот на плати во високото образование и се спречуваат неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Дополнително, од Владата посочија дека колективниот  договор за прв пат ја уредува и основната бруто плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование.