Владата формираше Работна група за регулација и употреба на канабисот

Владата на Република Северна Македонија на вечерашната 71-ва седница донесе одлука за формирање на Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот.

Како што посочуваат оттаму, за координатор на работната група е назначен Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, додека во групата ќе членуваат, но и ќе добијат покана за учество, претставници на повеќе министерства, здруженија и невладини организации.

„Мандатот на работната група ги опфаќа следните прашања поврзани со регулација на производство и употреба на билката канабис, декриминализација и легализација на поседување и лична употреба, декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба, разгледување можности за основање и работење на социјални клубови, зголемување на бројот на здравствени состојби за кои можат да се користи канабис“, информираат од Владата.

Истовремено, во мандатот на работната група ќе се опфатат и прашањата за основање на Агенција за канабис и дозвола за лекари од приватно здравство да препишуваат препарати од канабис и можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи канабис.

Исто така, тие додаваат и дека во мандатот на групата ќе се опфати и прашањето за формирање фонд од давачките/даноците кои компаниите кои произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат кон државата.

Фондот, како што додаваат од Владата би бил за поддршка на проекти од општествен интерес во сферата на лекување на ретки болести, медиуми, медиумски работници и продукција на домашни медиумски содржини, граѓанското општество, културата и спортот, како и за поддршка на работата на Агенцијата за канабис.

Регулацијата на канабисот беше и дел од 10-те најважни области во владината програма насловена „Акција 21 – Европски стандарди дома“, за која Владата посочи дека ќе се фокусира оваа година.