Малта на чекор до легализација на канабисот за лична употреба

Малта оваа недела ќе стане првата европска земја што ќе го легализира одгледувањето и поседувањето канабис за лична употреба, додека континентот претрпува бран на промени во законите за дрога, јавува „Гардијан“.

Поседувањето до седум грама ќе биде легално за лицата на возраст од 18 и повеќе години, а дозволено ќе биде да се одгледуваат до четири растенија канабис дома, при што може да се складираат до 50 грама сушен производ.

По гласањето во парламентот на Малта кое треба да се одржи денеска, законот ќе биде потпишан и од претседателот со цел тој да биде донесен до викендот, изјави министерот за правда Овен Боничи за „Гардијан“.

Потегот на Малта која е најмала земја-членка на ЕУ, најверојатно ќе биде проследен со реформи низ Европа во 2022 година. Германија неодамна најави потег за воспоставување законски регулиран пазар, по најавите на владите на Швајцарија, Луксембург и Холандија. Исто така, за ова прашање планиран е референдум во Италија, додека Канада, Мексико и 18 американски држави веќе донесоа слична легислатива.