Мексикански суд го декриминализираше рекреативното користење марихуана

Врховниот суд на Мексико го декриминализираше личното рекреативно користење на канабис, пресудувајќи дека досегашната забрана е неуставна.

Со 8 гласови за и 3 против судот решил дека сите полнолетни лица ќе можат да добиваат дозвола за одгледување и употребување на свој канабис. И понатаму ќе биде забрането пушење марихуана на јавен простор како и пред деца, пренесе Би-Би-Си. Истовремено пресудата не опфаќа никаква одлука за комерцијализирање на одгледувањето канабис.

„Денеска е историски ден за слободите“, изјавил претседателот на Врховниот суд, Артуро Залдивар.

Сепак одредени организации сметаат дека оваа пресуда нема да доведе до големи промени во брзо време. Невладината „Обединето Мексико против криминалот“ вели дека со одлуката не се декриминализираат активностите кои се поврзани со конзумирањето марихуана, како поседувањето и транспортот.

Судската пресуда доаѓа откако предлог-закон за легализација беше блокиран во националниот конгрес. Долниот законодавен дом го одобри предлог-законот со кој се дозволува рекреативно користење канабис уште во март, но за да стапи на сила законот мора да добие дозвола и од сенатот.

Според предложениот закон корисниците ќе можат да поседуваат најмногу 28 грама марихуана и да одгледуваат најмногу 8 стебла во својот дом за лична употреба. Во моментов нелегално е поседување на повеќе од 5 грама канабис.

Приврзаниците на законот се надеваат дека со легализацијата ќе се намали насилството поврзано со нелегалната трговија на дроги, во кое животот го губат илјадници луѓе секоја година.