Арсовски: Казнениот законик дозволува канабис за лична употреба, но тоа треба да се допрецизира

„И сега во Казнениот законик е дозволена и не е казнива употребата на канабисот за лична употреба. Меѓутоа, она што е политика на Владата, кога веќе се оди во таа насока, е да се прави измена и да се допрецизира и тоа јасно да се направи во Казнениот законик за да нема ситуации како што имавме“, рече денеска на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски на новинарско прашање дали Предлог-законот за опојни дроги предвидува декриминализација за лична употреба и одгледување за лична употреба, како што бараат невладините организации.

Иако извозот на сув цвет на канабис за медицински цели веќе почна, тој вели дека со Предлог-законот утврден на последната владина седница „сега попрецизно се регулира извозот“.

Односно, се воведува дополнителна давачка од 10% од приходот од извезените количества, пари кој ќе одат во специјален фонд.

„Целта е граѓаните да видат јавно добро. За тоа ќе биде поддржан фондот за ретки болести, фондот за медиуми за продукција на содржини од јавен интерес, како и на програмските приоритети во спортот, културата и граѓанскиот сектор. Од специјалниот Фонд ќе биде поддржана и работата на новопредвидената Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели“, рече Арсовски.

Дополни дека европското знаменце на законот е затоа што во неговиот текст се  транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и Совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции.

„Тоа се единствената конвенција за Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972. Исто така со Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година, како и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година“, потенцираше Арсовски.

Во однос на новинарското прашање дали со предлог-законот се предвидува прекин на гонење на лица фатени со канабис, по принципот на Законот за легализација дивоградби, кој предвидува запирање на сите постапки за некој што на државно земјиште почнал да си гради, Арсовски вели:  

„Дозволете, сигурно тоа ќе оди низ транспаретна постапка и ќе се дебатира, па ќе имам попрецизен одговор“.

Инаку, Владата во мај формираше работна група за регулација и употреба на канабисот, каде се вклучени повеќе министерства и граѓански здруженија.

Досега на работната група беше утврдена потреба да се дозволи, освен лекарите од јавното, и лекарите од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис. Понaтаму, беше утврдено да се дозволи пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис – сам да може да одгледува и користи канабис во форма која според здравствената состојба најмногу му одговара. Исто така, согласност имаше за да се прошири листата на специјалистичките гранки во кои канабисот може да се препорачува како лек, прашање кое треба да се регулира со прописи од областа на лековите.

Работната група за канабис ги дефинираше поимите декриминализација, легализација и депенализација. Донесе и заклучок за изработка на компаративна анализа на моделите во 10 различни земји од регионот. Исто така, да се реализира јавна и едукативна кампања за канабисот, а поддршка за неа да се побара и од бизнис секторот и сите чинители од зелените политики.

– – – – – – – – – –

*По прес-конференцијата, од Владата стигна ново соопштение – појаснување дека личната употреба на канабисот не е кривично дело.

„Сегашните одредби од Кривичниот законик (КЗ) предвидуваат дека кривично дело е пуштањето во промет и продажбата на канабис и на другите опојни дроги. Личната рекреативна употреба на канабисот и денес не е кривично дело, но праксата покажува дека на терен постојат нејаснотии или злоупотреби и имаме ситуации кога лица кои користат канабис за лична употреба се теретат за наводна намера за продажба. Затоа, очекуваме во измените на КЗ кои се во тек, експлицитно да се потврди со јасна формулација дека ЛИЧНАТА УПОТРЕБА не е кривично дело, односно дека во затвор не може да оди оној кој за лична рекреативна или медицинска употреба консумира канабис. Ќе биде потребно и дефинирање на терминот ЛИЧНА УПОТРЕБА, за што се бараат правни и нормативни решенија“, се вели во владиното појаснување.

Б.Ш.