Влада за депониите: Во Тетово се чисти, во Струга наскоро

Владата на Република Македонија соопшти дека почнуваат теренските активности за решавање на проблемот со дивата депонија во Тетово, а најавуваат решение и за депонијата во Струга.

„Владата на Република Македонија спроведе постапка за решавање на проблемот со дивата депонија во општина Тетово. Со постапката за јавна набавка што заврши во петокот на 18 август, избрана е компанијата Голец Транс, која понуди најдобри услови согласно критериумите на огласот за јавна набавка за извршување услуги за дислоцирање на сметот од депонијата во Тетово“, пишува во соопштението.

Појаснуваат дека во соработка со Јавното комуналното претпријатие Тетово, отпадот од оваа депонија ќе биде складиран во депониите Дрисла или Русино.

Во однос на Струга, информираат дека со одлуката од 17-тата седница на Владата, завршена и постапката за решавање на проблемот со дивата депонија.

„Отпадот од општина Струга во натамошниот период ќе се транспортира во депонија што ќе ја договори општинското комунално претпријатие, а сегашната дива депонија ќе започне да се затрупува и ќе биде спроведено нејзино култивирање соодветно на неопходните еколошки стандарди“, се додавава во соопштението.

Двете големи диви депонии во Тетово и Струга се сериозен проблем за жителите на овие градови. Потребата за нивно решавање се актуелизираше летово поради честите пожари на двете депонии.