Википедија одбележува 23 години постоење

Добро познатата енциклопедија Википедија, која патем секој од нас барем по еднаш ја има посетено и нешто прочитано во неа, полни 23 години постоење. На 15 јануари 2024 година Википедија го слави својот 23-ти роденден, настан кој се одбележува редовно од заедницата која ја создава содржината на оваа енциклопедија.

Википедија е основана на 15 јануари 2001од страна на иницијаторите на оваа идеја, Американците Џими Вејлс и Лери Сангер. Првата верзија на енциклопедијата била објавена само на англиски јазик, но многу набрзо енцклопедијата доживува брз раст и прераснува во повеќејазична енциклопедија. Денес Википедија и нејзините содржини се достапни на 326 јазици, сите слободни за употреба за непрофитни и образовни цели.

„Македонската верзија на Википедија е започната во септември 2003 година од мала група македонски волонтери. Првите статии на македонски јазик на Википедија биле скромни во однос на квантитетот, но набрзо енциклопедијата се збогатува со содржина и бројот на уредници забележува голем пораст. Денес оваа јазична верзија на Википедија брои над 140.000 статии на македонски јазик, приготвени и средени во енциклопедиски формат од македонската заедница на Википедија“,  посочуваат од Здружението „Викимедија МКД“.

Од таму посочуваат дека роденденот на Википедија традиционално се одбележува во сите држави и региони каде постои волонтерска Вики-заедница. Во Македонија роденденот се одбележува секоја година на 15 јануари како дел од глобалниот сет на  настани поврзани со роденденот.

Прославата за роденденот на Википедија во Македонија, кој ќе се случи во 19 часот во „Пјаца Либерта“ е организиран од „Викимедија МКД“, локален македонски огранок на „Фондацијата Викимедија“ која делува во рамките на државата за промовирање, подобрување, креирање и умножување на слободни содржини за непрофитни цели.