Пакистан ја блокираше Википедија поради „богохулни содржини“

Властите во Пакистан го блокираа пристапот до најголемата онлајн енциклопедија Википедија поради наводни „богохулни содржини“, пренесе Би-Би-Си.

Оваа одлука е објавена вчера, откако на Википедија им бил даден рок од 48 часа да ја отстрани спорната содржина. Од пакистанската Агенција за телекомуникации информираше дека онлајн енциклопедијата не го сторила тоа.

„Тие отстранија дел од содржините, но не сите. Вебсајтот ќе остане блокиран додека сите содржини не бидат отстранети“, изјавил портпаролот на Агенцијата, Малахат Обаид.

Од Фондацијата Викимедија соопштија дека поради забраната Пакистанците ќе бидат ускратени за „најголемата бесплатна ризница на знаење која постои“.

Засега не е познато која содржина била спорна за пакистанските власти. Она што е познато е дека во Пакистан богохулењето е високо чувствителна и контроверзна тема.

Активистите за слобода на говор оваа одлука ја оценија како „обид да се наметне поголема контрола на содржините на интернет“.

„Главната цел е да се замолчи било какво незадоволство. Многу често богохулењето се користи како оружје за таа цел“, вели активистот за дигитални права, Усама Килџи.

Пакистан претходно има блокирано и други платформи, како што се Тиндер, Фејсбук и Јутјуб.