Виетнам со апсења замолчува климатски активисти, шест активисти затворени поради „затајување данок“

Една од најпознатите виетнамски климатски активисти доби тригодишна казна затвор поради затајување на данок. Со тоа, Хоанг Ти Мин Хонг е петтата виетнамска активистка која е затворена поради истото обвинение.

Според виетнамските активисти, обвинението на Мин Хонг е поддржано од државните власти со цел да се замолчат критиките кон климатските политики на Виетнам.

Хоанг Ти Мин Хонг беше уапсена неделава, по тричасовно судење, а исто така била казнета и со 4.100 американски долари.

Групите за заштита на човековите права велат дека случајот на активистката е политички. Тие посочуваат дека активистите се посурово казнети од лицата кои навистина затаиле данок, бидејќи активистите се затворени и без можност за адвокатска одбрана.

Невладините организации во Виетнам долго време делуваат во „сива зона“, бидејќи не се обврзани со детални барања за исплаќање на данок од нивните странски донации.

Сепак, државата ги апси активистите според свои интерпретации на законот, со што се чини дека тие се мета на државата. Пред само две недели, беше уапсен и шести активист.

Виетнамските обвинителства се’ уште не дале јавно објаснување за какви дела е уапсена шестата активистка. Нејзината организација соработувала со Светска Банка, Обединетите нации и американски агенции за зелена енергија, но сепак активистката не била јавно експонирана.

Виетнам е на листата на најзагрозените земји од климатските промени, а властите поставија амбициозна цел за постигнување на нула јаглеродни емисии до 2050 година, цел која сега е законски обврзана со потпишувањето на договорот за Националната стратегија за климатски промени. Со целите на овој договор се согласуваат и затворените активисти.

„Организациите за борба против климатските промени сега се парализирани, плашејќи се дека ќе бидат дел од наредната серија на апсење на активисти“, изјавиле од „Хјуманс рајтс воч“.