[Видео] Стотици илјади граѓани во Израел на нови протести за реформите во правосудството

Стотици илјади луѓе излегоа на нови протести во Израел против планот на Владата да изврши реформа на правосудството и покрај тоа што премиерот Бенјамин Нетанјаху соопшти дека времено ги суспендираат предложените законски измени.

Повеќе од 100.000 граѓани учествуваа во главниот протест во Тел Авив, според информациите на израелскиот медиум Канал 12, а помали демонстрации се одржаа и во други градови низ земјата. Истовремено планирани беа и контрапротести на повеќе локации.

Организаторите на протестите, кои се одржуваат повеќе од три месеци, велат дека сакаат да го задржат моментумот и да го засилат притисокот врз Нетанјаху и неговата Влада додека целосно не се откажат од најавената реформа.

Нетанјаху ги суспендираше законските измени кон крајот на март соочен со силен притисок од граѓанското општество, но и делови од војската и неговиот кабинет. Премиерот тогаш изјави дека ваквиот чекор го презел за да се „избегне граѓанска војна“.

Со реформите на Нетанјаху, против кого има судски процес за корупција, и на неговата влада би им се дала можност да имаат контрола во изборот на судии во израелското судство. Дополнително реформите предвидуваат парламентот да има можност да ги поништува одлуките на Врховниот суд и се лимитира можноста на овој највисок суд да ги оценува законите.

Критичарите на реформите велат дека тоа може да го уништи системот на демократски контролни механизми и да му се даде огромна моќ на Нетанјаху и на неговите сојузници во парламентот.

Демонстрациите се случија во пресрет на намалување на кредитниот рејтинг на Израел од американската агенција Муди, која беше спуштен од „позитивен“ на „стабилен“ што е сигнал и за економските последици од владините предложени реформи.