Насилни протести во Грција откако полицијата застрелала тинејџер во глава

Во северниот дел на Грција синоќа избија насилни протести откако полицијата застрелала тинејџер при потера.

Се работи за 16-годишно дете од ромска националност, кое во моментов се лекува во болницата во Солун. Малолетникот наводно бил застрелан од полицаец во главата. Полицаецот е уапсен и суспендиран.

Инцидентот се случил на периферијата од Солун пред да се стемни. Полицајците со мотори го бркале тинејџерот кој возел пикап возило откако наводно ставил бензин на бензинска пумпа и побегнал без да плати.

Околу 1.500 луѓе учествувале во протестот организиран од левичарските и анархистичките групи во центарот на Солун.

Дел од демонстрантите кршеле излози на продавници и фрлале со молотови коктели кон полицијата, која пак возвратила со солзавец и шок-бомби.

Протестот завршил без уапсени и повредени лица.

Претходно неколку стотици Роми поставиле барикади пред да започне протестот. Тие ги блокирале главните улици пред болницата каде се лекува малолетникот, а запалиле и неколку контејнери.

Неколку стотици луѓе биле присутни и на протестен марш во центарот на Атина поради овој случај, како и за претходни инциденти во кои полицијата пукала кон Роми за време на полициски акции.

„Ги пукаат затоа што се Роми“, пишувало на еден од транспарентите кои ги носеле демонстрантите во Атина.

Портпаролот на главната грчка опозициска партија, Сириза, ја обвини Владата за неспроведување на соодветна контрола врз полицијата.

„Општеството не може повеќе да толерира клима на страв создадена од екстремната полициска бруталност, која, поради тривијални причини, загрози живот на малолетник“, изјави Кристос Спиризис.

Членови на ромската заедница во Грција и активистите за човекови права редовно ја обвинуваат грчката власт за дискриминација врз Ромите. Изминативе неколку години повеќе Роми биле фатално застрелани или повредени во судири со полицијата додека наводно избегнувале да бидат уапсени поради кршење на законите.