[Видео] „Србија против насилството“ – Илјадници луѓе на протести низ Србија по масовните убиства

Во Белград вчера се одржа протестен собир на опозицијата насловен „Србија против насилството“ по масовните убиства кои се случија во Србија. Најпрво пред Народното собрание беа прочитани барањата на опозицијата, по што насобраните тргнаа кон Владата.

Пратеникот на Демократската партија Срѓан Миливојевиќ рече дека според проценките на полицијата, на протестот учествувале 50.000 луѓе. Протестни собири се одржаа и во неколку други градови во земјата, јавува телевизијата Н1.

Како што најавија организаторите, собирот беше организиран без говори и обраќања, а за барањата, кои беа прочитани на почетокот на протестот, надлежните добија рок да ги исполнат до петок, 12 мај. Организаторите изјавија и дека протестот го организираат за да се погрижат трагичните настани „кои го зацрнија општеството“ во Србија никогаш да не се повторат.

Организаторите најавија дека доколку не бидат исполнети нивните барања, ќе организираат нов протест, пренесува Радио Слободна Европа.

Протестни собири и маршови беа организирани и во Нови Сад и во неколку други градови.

Осум деца и еден чувар беа убиени на 3 мај во вооружен напад на 13-годишен ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Шест ученици и еден наставник се ранети, а напаѓачот е уапсен. Еден ден потоа, во селата Мало Орашје и Дубона кај Младеновац, напаѓач уби осум лица, а рани 14.