[Видео] Никушевски: Прототипови на филтри за справување со цврстите горива

Иноваторот Тони Никушевски од „Окси про солушнс“ објави видеа со прототипови од филтри за цврсти горива (дрво, јаглен, пелети).

Филтрите кои ги направил, вели тој, можат да се користат за тешки товарни возила, генератори, индустриски постројки и слично со нивна мала адаптација.

„Се работи за технологија стара над 100 години. Активно се користи по индустриски капацитети – електростатска преципирација (ESP). Технологијата е чиста физика или т.н. електростатска сила на привлечност и одбивност. Ова е ‘пали-вози решение’. Е, сега, колку од нашите индустриски капацитети го имаат, тоа е друга работа. Меѓутоа, низ Европа се појавува тренд за домаќинствата за вакви производи – филтри за резиденцијално греење. Би можеле лесно да се адаптираат на веќе постоечко парно, камин, веќе постоечко греење на цврвсти горива, за да не чадат“, вели Никушевски за Радио МОФ.

Според него, возможно е нивно интегрирање на прскалки со цел, како што вели, да се постигне максимален ефект во одделувањето на загадувачите преку т.н. water scrubbing (чистење со вода).

„Прототиповите се готови веќе неколку месеци и чекаат нивно место под облакот смог. Редукција на загадувачи е од 90%. Во моментов работиме на планови за негова целосна изработка во Република Македонија. Поентата е да се создаде можност за развој на домашен производ со одлични експортни можности како потенцијална алатка во дирекното намалување на емисиите“, потенцира Никушевски.

Б.Ш.