[Видео] Музичарот Неврус Бајрам создаде уникатна композиција на стаклени чаши и шишиња

Музичарот и учител од Скопје Неврус Бајрам пред неколку денови на Фејсбук ја објави неговата композиција насловена „Рингтон“, која е целосно изведена и снимена на стаклени чаши и шишиња. Тој објаснува дека делото во кое учествуваат и Нино Спиркоски и Иван Куртевски почнало да се „крчка“ за време на првиот карантин, а излегува во јавноста после една година и пол поради „еден тон пречки“.

Целата мелодија прво му „засвирела“ во глава, па помислил дека композицијата може интересно да излезе ако се изведе на чаши, објаснува тој за Радио МОФ.

„Седнав, направив аранжман. Убаво. Многу долго време го мислев, што, како да биде, како да се заштеди на време, затоа што немав финансии да ‘главам’ во студио. Требаше да смислам како побрзо да оди работата, што треба да се направи. Викам за ова мора и некое видевце да се склопи. Целата композиција мене ми звучеше дека треба да биде рингтон на некој телефон и поради тоа всушност се вика рингтон“, вели тој.

По првичната идеја тој се впуштил во создавање на делото, па така, заедно со Спирковски започнале со аудио-снимање на секој тон кој произлегувал од чашите.

„Кога отидовме таму ги поставивме чашите, му кажав се’, што е идејата. Прво извадивме семплови од сите тонови што се потребни за композицијата. Сите тонови се снимени со микрофон и од тие тонови се извадени семплови. Е сега, што можеше да се сними на лице место, се снимаше, после тоа, што не можеше преку семплот се правеше. Работата е што цело време е запазено да може, да има реална, вистинска изведба на композицијата“, појаснува Бајрам.

Истовремено, тој бил во консултација со Куртевски од почетокот на идејата, во однос на тоа како да се сними видеото, а во целиот период биле испробувани многу варијанти.

„Работата е што ние во тие година и пол имаме сменето многу пати идеи, што како да се направи, затоа што прво го снимивме материјалот и после тоа беше зборот, во каков стил да биде монтажата, дали да биде со анимации некои, дали да биде вака како што се има направено“, објаснува Бајрам.

Иако идејата и реализацијата на композицијата е целосно создадена во време на пандемија, тој вели дека доколку не била пандемијата, композицијата ќе се реализирала во поинаква варијанта.

„Затоа што тој период бевме затворени по дома, полудува човек. Баш тој период се з’гнав и еден куп музика испонапишав, затоа што си дома, нема што да правиш. Викам мора нешто интересно да се направи“, додава Бајрам.

Благодарение на пандемијата пак, тој посочува дека кај него, но и кај другите уметници е поттикната креативноста во последните две години.

„И тоа не само кај мене, мислам дека кај сите луѓе што се занимаваат вака, дали со музика, со било кој вид на уметност, им остави простор малку така да размислат, да видат каде се, што се, па да чепнат малку подлабоко во својата креација, во својата креативност“, вели Бајрам.

Поради неговата примарна работа, образованието, Бајрам објаснува дека еден ден планира и да се отсвири композицијата, односно да се направи шоу со неговите ученици.

Мартин Колоски