[Видео] Грета Тунберг приведена на протест против отворањето на рудник во Германија

Грета Тунберг се најде меѓу приведените климатски активисти на протестот против рушење на напуштено германско село на чија локација е предвидена изградба на рудник.

Тунберг беше приведена додека седела во близина на рудникот Гарцвејлер, кој се наоѓа околу 8 километри од селото Луцерат.

„Ќе принудиме сила за да ги потврдиме вашите идентитети, па ве молиме да соработувате“, се слуша како еден од полицајците им вели на групата активисти.

Тунберг, која се приклучи на демонстрантите во петокот, по приведувањето можела да се види како седи сама во полициско возило.

Полициските сили веќе втора недела се обидуваат да ги отстранат активистите од напуштените објекти во селото, а според последните информации на локацијата има уште неколку демонстранти кои се качени на дрвјата или во подземниот тунел.

„Грета Тунберг беше дел од групата активисти кои се упатија кон рудникот, сепак таа беше стопирана и приведена од нас заедно со групата надвор од местото на кое постоеше опасност за да се утврдат нивните идентитети“, соопштија полициските служби од градот Ахен.

Според нив еден од активистите скокнал во рудникот, а од полицијата велат дека уште не знаат дали лицето е повредено.

Тунберг, заедно со другите активисти, биле ослободени по проверка на идентитетот, информираа од германската полиција.

Шведската климатска активистка претходно им се обрати на околу 6.000 демонстранти кои маршираа кон Луцерат во саботата, нарекувајќи го проширувањето на рудникот „предавство на сегашните и идни генерации“.

„Германија е еден од најголемите загадувачи во светот и мора да се повикаат на одговорност за тоа“, рече Тунберг.

Селото Луцерат стана симбол на иднина без јаглен, откако енергетскиот гигант РВЕ најави дека планира да го сруши и да започне со проширување на нивниот рудник за лигнит во близина на таа локација. Повеќе од 1.000 активисти го штитеа селото од уништување изминативе две и пол години, така што локацијата ја направија вистинска тврдина. Тие живееја во празните куќи, но исто така и изградија голем број дрвени куќарки и камп на селската полјана.

Германската полиција се судри со еко-активисти кои две години окупираат напуштено село за да спречат изградба на рудник