[Видео] Биоразградлива репортажа за 15 денари

Повеќе од еден месец како граѓаните почнаа да ги менуваат своите навики при купување во маркет, откако на сила стапи Законот за  управување со пакување и отпад од пакување. Досегашните пластични кеси за една употреба ги заменија со платнени торби. А, оние што ќе се најдат затекнати без своја торба, ќе треба да платат 15 денари на каса за т.н. биоразградлива кеса. Сепак, законот отвори повеќе прашања во јавноста – колку биоразградливите кеси се навистина еколошки и што е со кесите без рачки кои се честа појава по пилјарите?

За да провериме каква е ситуацијата на продажните места, посетивме неколку маркети во центарот на Скопје, како и Зеленото пазарче. По пат купивме банани, мандарини, зелка, марула и лимон, а потоа „зготвивме“ и репортажа.

Брокулата е 26 денари, сосе кесе

Најпрво кон Зелено пазарче.

Се упативме кон тезга со марули. Кесите препознатливо беа закачени на јаженце, црвени со рачки и необележани. Кога се обидовме низ шега да прашаме како е со инспекциите поради кесите, продавачот само отсечно рече дека инспектори досега не поминале.

Од тезга на тезга, стигнавме и до мандарините. И овде прашавме дали на пазарчето доаѓа инспекција. Додека ги пакуваше мандарините во зелено и проѕирно пластично кесе со рачки, продавачот ни кажа дека инспекција не поминала.

„Ги чекавме да ти кажам право. Ги чекавме да дојдат, ама не дојдоа. Кај нив сè е можно. Ништо не е чудно овде кај нас. Овие кеси имаат нешто напишано, би требало да се океј“, рече продавачот, покажувајќи кон пластичното кесе со назнака „Биоразградлива кеса REVERTE EX 01.12.2022“.

Кеса од Зелено пазарче

Се упативме и на трета тезга, по карфиол. Чинеше 26 денари, па кога ја прашавме продавачката дали е тоа цена сосе кесата, таа се насмеа и пошегува.

„Сосе кеса, да, да. Кај нас уште нема ништо и така ги даваме. Ги купуваме по 100 денари за 200 парчиња и досега не сме наплатиле на никој“, вели таа.

И неа ја прашавме за инспекциите и дали некој им реагирал досега за кесите.

„Ни викаат, како не ни викаат, нè опоменуваа и сè. Чекаме само некој ден кога ќе ни чукнат овде, да почнат да нè казнуваат. По правило, не би требало да се наплаќаат зошто не се од оние што се распаѓаат, класични се. Истите се што беа претходно. Оваа е од таа залиха, треба да ја потрошат, не можат да ја чуваат“, низ смеа ни кажа продавачката.

По разговорот со неа, решивме да побараме кеси, баш од оние 200 парчиња за 100 денари. Но, не најдовме. Од околните тезги дознавме дека повеќе не се продаваат.

„Кеси веќе не се продаваат на пазарче. Нас ни е ова залиха останато. На тезга се продаваа, ама откако стапи Законот, нема веќе“, рече еден од продавачите.

„Торбички има ако сакате“, се надоврза друг.

Пластични кеси без рачки за овошјето и зеленчукот

Следна точка ни беа неколку супермаркети во строгиот центар на градот.

Во првиот, во одделот за свежо овошје и зеленчук имаше избор од пластични и хартиени кеси. Тука добивме одговор дека ниту едно од кесињата не се доплаќа дополнително. Пластичното кесе беше без рачки, со принт дека е биоразградливо.

Од овој маркет зедовме и кеса од 15 денари, на која е обележана биоразградливоста со ознаката MKC EN ISO 14021.

Кеса, цена 15 денари

Во следниот маркет немаше избор помеѓу пластични и хартиени кеси, имаше само пластични кеси без рачки, по што се упативме до уште два поголеми супермаркети во центарот на градот.

И во нив, сликата беше речиси иста. Тие нудеа необележани пластични кеси без рачки за пакување на овошје и зеленчук, додека на каса од двата маркети купивме биоразградливи кеси од 15 денари. На нив повторно ја забележавме ознаката MKC EN ISO 14021.

Што вели Законот?

Со член 10 од Законот за управување со пакување и отпад од пакување, се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија, како и пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјава.

Наспроти ова, Законот ги дозволува биоразградливите кеси кои треба да се произведени согласно пропишани стандарди. Ова се всушност кесите кои се купуваат од касата на маркетите и чинат 15 денари.

Ознаката МКС EN ISO 14021 која е испечатена на кесите што ги купивме е називот на адитивот кој поттикнува разградување на пластиката. До неа, стоеше и месец и година на производство.

Сепак, во Законот има и исклучок од забраната. Тоа се кесите кои често се нудат во одделите за свежо овошје и зеленчук во маркетите. Тие се именувани како „Многу лесни пластични кеси за носење на стоки“, односно пластични кеси чија што дебелина е пониска од 15 микрони. Поради тоа што се исклучок од законската одредба, не се ни наплаќаат. Како што се појаснува во законот, тие треба да се употребуваат за хигиенски цели или се даваат како примарно пакување за храна која не е компактна или е во течна состојба.

Законот изрично нагласува дека пакувањето кое се произведува и кое се пушта во трговија, треба да е во согласност со европските и националните стандарди.

Означувањето треба да ги содржи податоците за видот на материјалот употребен во пакувањето, можноста за повторна употреба доколку постои, како и  можноста за преработка, односно рециклирање доколку постои.

Истовремено, ознаката треба да биде јасно видлива и лесно читлива при продажбата и при враќањето на пакувањето, издржлива и трајна, дури и кога пакувањето е отворено.

„Производителите се должни на соодветен начин да ги информираат продавачот и потрошувачот за битните својства на производот и неговото пакување во поглед на опасните и штетните материи и супстанции кои тие ги содржат и за начинот на постапувањето со искористените производи и со пакувањето кога тоа ќе стане отпад од пакување“, се вели во Законот.

Инаку, 15-те денари кои граѓаните би ги платиле за биоразградливите кеси се наменети за посебен фонд за животна средина. Радио МОФ упати прашања до Министерството за животна средина и просторно планирање околу средствата кои досега се собрани во овој фонд, како и за начинот на кој е утврден стандардот, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Казните за непочитување на законските одредби, пак, се поделени во три категории и може да се движат од 9.000 до 140.000 евра, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мал, среден или голем трговец.

Трговците, меѓудругото, можат да бидат казнети доколку податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените кеси не ги пријавуваат кај стручниот орган. Потоа, ако не ги информираат соодветно трговците и крајните корисници за важните својства на производот и неговото пакување во поглед на опасните и штетните материи и супстанции кои тие ги содржат. Покрај ова, тие може да бидат казнети и ако не ги информираат граѓаните за начинот на постапување со отпад од пакување и не поседуваат податоци за видот на материјал и количеството на тешки метали од кои е произведено пакувањето кое се пушта на пазар.

Истовремено, може да бидат казнети и трговците кои не организираат кампањи за информирање и подигање на јавната свест, но и оние кои не ги информираат крајните корисници за негативните последици за животната средина од прекумерната потрошувачка на пластични кеси за носење на стоки.

Кеса за пакување свеж зеленчук и овошје во супермаркет

Пехчевски: MKC EN ISO 14021 не е стандард за биоразградливост

Усвоените стандарди за тоа што е биоразградливо, а што не, поттикнаа повеќе дискусии во јавноста. Според Давор Пехчевски од „Еко свест“, стандардот MKC EN ISO 14021, не е стандард за биоразградливост, туку е интерен стандард за производителите според кој тие утврдуваат дали имаат контрола на квалитет.

„Тие ако го имаат тој стандард всушност добиваат право самите да декларираат дали кесата е биоразградлива или не е. Така што, тоа не е стандард за биоразградливост и не кажува ништо во однос на хемискиот состав на кесата. Јас во принцип сум против тие биоразградливи кеси, оксобиоразградливи како што ги викаат целосно. Но, тоа не е само мој личен став, туку и на Европска Унија. Тие направија ревизија на директивата за отпад“, посочува тој.

Од минатата година, земјите од Европската Унија забранија еднократна пластика, меѓу која се и оксобиоразградливите кеси – оние што ги има кај нас во продавниците.

„Причината не е дека хемискиот состав не им е таков како што декларираат компаниите, туку причината е што тие (кесите) бараат специјални услови за да се разградат. Тие специјални услови кај нас не се исполнети, но и во голем дел од Европа. Затоа што, кога ќе се депонира, за тоа првично распаѓање треба да е на сонце кесата. Кога е депонирана, таа е затрупана, не е на сонце и таа останува таква каква што е. Понатаму, не се активираат тие активни состојки што се во распаѓање и ништо не се случува. Останува само како пластика на депонијата“, објаснува тој.

Според Пехчевски, државата е 15 години назад во споредба со европските земји. Сепак, го поздравува првиот чекор кон промената на навиките, иако нагласува дека на крај сè се сведува на тоа дали ќе се развива понатаму идејата или ќе остане вака како што е.

„Кај нас имаме општо проблеми со управување со отпад. Ние имавме Национална стратегија од 2008 година што не беше ни 10 отсто спроведена. Потоа имаме шест години пауза меѓу две стратегии и сега допрва ќе се усвојува новата. Имаме буквално дупка од 15 години кога ништо не е направено на тема отпад. Новиот закон што се донесе е група од закони. Галамата што се крена со кесите е еден член од законите – тоа е толку обемно, толку спроведувања треба допрва да се сработи што мене ова ми беше и банално што за кесите се дискутира, но од друга страна се отвори и малку повеќе темата за отпад“, вели Пехчевски.

Тој дополнува дека покрај општото решавање на проблемот со отпадот, следниот чекор би бил забрана за други типови пластика за една употреба – онаа што не е подложна на рециклирање.

За еден месец само една казна

Во рок од еден месец, почнувајќи од 1 декември кога стапи на сила Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Државниот пазарен инспекторат извршил над 300 надзори.

Од нив, заклучно 31 декември, парично е казнет само еден маркет во Битола поради непочитувани на законските одредби, кому му е издадено решение и прекршочни платни налози.

Од ДПИ посочуваат дека законските одредби ги опфаќаат и пазарите, каде може бесплатно да се делат кеси под 15 микрони, со ознака дека се биоразградливи, додека и за нив важи дека поголемите биоразградливи кеси мора да ги продаваат по 15 денари, со издавање на фискална сметка.

Во меѓувреме, од ДПИ најавуваат дека контролите продолжуваат.

Колку навистина се разградливи „биоразградливите“ кеси

Во 2015 година, истражувачи од британскиот Универзитет во Плимут започнаа експеримент со кој испитуваа до кој степен разни алтернативни видови на пластични кеси се разградуваат во различни природни средини. Па така, поставиле кеси на отворено, во почва и во вода.

Експериментот започнал на 10 јули 2015 година со три последователни датуми на земање примероци во рок од 27 месеци. Покрај ова, во мрежа биле поставени три видови полни биоразградливи кеси во разни природни средини, за визуелна инспекција во период од три години, завршувајќи на 23 август 2018 година.

Биоразградливите, оксоразградливите и конвенционалните пластични кеси останале функционални во морската средина и почва за трите години од студијата и можеле да издржат 2 килограми намирници во нив без да се распаднат. Истражувачите нагласуваат дека компостирачката кеса останала недопрена во почвата, но била единствениот тип на кеса што целосно исчезнала од морската средина во рок од три месеци. Во воздухот, кесите станале кршливи и се формирале помали парчиња видливи со голо око.

Збирно, резултатите покажале дека ниту една од торбите може да се каже дека суштински се разградуваат во период од три години кај сите средини. Оксоразградливите или биоразградливите варијанти не покажуваат доволно напредни стапки на разградување во морето, споредено со конвенционалните кеси.

Одржливо решение

До 2023 година производителите треба пластичните кеси да ги заменат со биоразградливи. Тие во неколку наврати реагираа дека нема доволно време за да се обезбедат материјали за овие промени и дека се потребни дополнителни инвестиции, како и обука на вработените.

Од Министерството за животна средина им реагираа дека нивните поплаки се неосновани, бидејќи уште од 2013 година е воведена обврската за производство на биоразградливи кеси.

Пехчевски од „Еко свест“, пак, смета дека најдобар начин да се спречи пластичен отпад е да не се користи воопшто. Тој ги охрабрува граѓаните да си носат сосебе полно шише вода за реупотреба, наместо да купуваат од продавница. Потоа, да користат лични садови кога купуваат храна како маслинки или сирење, додека за овошје и зеленчук да понесат платнени торби.

„Да зборуваат со баби и дедовци, да се вратат навиките од 80-тите години. Тоа е реалноста, но шега на страна, тоа се многу едноставни и ситни промени кои може кој било да ги направи, а имаат сериозен ефект кога ќе се направат масовно“, советува Пехчевски.

Ивана Смилевска/Емилија Петреска