[Видео] Активистка протестираше топлес за време на гласањето на Берлускони

Активистка на феминистичката група „Фемен“ предизвика инцидент со топлес протест на гласачкото место во Милано додека на парламентарните избори во Италија гласаше поранешниот премиер Силвио Берлускони.

Жената, на чии гради со црн фломастер беше испишана реченицата „Берлускони, ти дојде крајот“, скокнала на масата во просторијата пред Берлускони во моментот на неговото гласање.

Локалните медиуми потсетуваат дека активистки од „Фемен“ предизвикале сличен инцидент при гласањето на Берлускони и на изборите во 2013 година.

Поранешниот премиер, кој повторно сака да се врати во политиката, е препознатлив по бројни скандали во неговата кариера, како оној со таканаречените „Бунга Бунга“ сексуални забави, за кои доби и затворска казна за плаќање сексуални услуги со малолетничка, која подоцна беше променета од повисок суд со бројни контраверзии.

Во Италија денеска се одржуваат парламентарни избори според нов изборен систем, а последните анкети покажуваа неизвесен исход. Фаворити се партиите Напред Италија, Демократската партија и движењето Пет Ѕвезди, додека покрај Берлускони во предизборната кампања доминираа уште и имињата на Матео Ренци и Луиџи ди Мајо.