[Видео] 13-ти ден протести на студентите во Албанија

Стотици студенти од Албанија се собраа пред канцелариите на Премиерот, а дел од нив го блокираа и автопатот Тирана – Драч, на 13-тиот ден демонстрации со кои од властите бараат намалување на трошоците и подобрување на квалитетот во високото образование.

Протестот денеска се пресели пред владата, откако изминатиот период се демонстрираше пред Министерството за образование. Студентите ја бојкотираат наставата на сите факултети кои се дел од Универзитетот на Тирана. Протести и бојкотирање на наставата се одржуваат и во повеќе други градови низ земјата.

И покрај изјавите на премиерот Еди Рама, дека е спремен да разговара за 8-те барања на студентите, тие одбиваат преговори со Владата.

Меѓу главните барања се преполовување на партиципацијата за студирање, укинување на дополнителните трошоци кои ги најавија властите, подобрување на условите во студентските домови и учество на студентите во управите на универзитетите.