Вевчанскиот карневал прогласен за културно наследство од особено значење

Вевчанскиот карневал е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, информира Министерството за култура.

„За Василичарите во Вевчани се утврдува режим на заштита од прв степен, со повеќе мерки на заштита. Преку поддршка и поттикнување на носителите за изработка на автентични маски ќе се обезбеди одржливост на древната манифестација, ќе се обезбеди пренос на знаењата за изработка на маските и вештините за свирење на традиционалните музички инструменти кои се дел од поворката. Од особено значење е што традицијата на еден од најстарите карневали во светот ги вклучува и младите генерации и се зачувува како културно наследство“, стои во соопштението.

Со денешната одлука на Владата се овозможува зачувување и афирмација на машката василичарка поворка како дел од зимските обреди со маски, која е зачувана и се практикува во автентична и интегрална форма од локалната заедница во Општина Вевчани.

Во Одлуката се наведува дека „Обредните поворки со маски (карневал) – Василичари во Вевчани“ по своите карактеристики се издвојуваат со својата автентичност и зачуваност на формите на маските, василичарското оро, верувањата и обредните практики.

„Со донесувањето на Одлуката за прогласување на Василичарите во Вевчани за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација во согласност со Законот за заштита на културното наследство“, велат од Министерството за култура.

[Галерија] Вевчанци ги покажаа овогодишните маски на традиционалниот карневал