„Вагон за спиење“ – изложба на карикатури од светски познатиот карикатурист Дарко Дрљевиќ во ОСТЕН

Од денес напладне до 8 јули во галерија ОСТЕН ќе се оддржи изложбата „Вагон за спиење – изложба на карикатури” од светски познатиот карикатурист Дарко Дрљевиќ од Црна Гора.

Тој е слободен уметник од 1997 г. Претседател е на Здружението на карикатуристи на Црна Гора и огранокот на европското Здружение на карикатуристи (ФЕКО Монтенегро). Досега освоил 193 награди на меѓународни натпревари за карикатура. Имал 59 самостојни и преку 450 колективни изложби. Учесник е на многу сликарски колонии и колонии на карикатура и вклучен е во антологијата „Познати светски карикатуристи”. Основач е и главен уредник на хумористичниот магазин „Туш” и организатор на првиот Меѓународен фестивал на карикатура Колашин 2007.

Се занимава со карикатура, сликарство, илустрација, графика и со анимиран филм.

Работел за многу црногорски дневни весници: „Побједа”, „Публика”, „Република”, „Дневне новине”, како и магазините „Омладински покрет” (каде ја започнал својата кариера во 1984 г.), „Ошишани јеж”, „Илустрована политика”, „Вечерње новости”, „Блиц” и други. Бил и соработник на многу весници во регионот, како што се Мариборскиот дневен лист „Вечер” итн.

Живее и работи во Подгорица како карикатурист-коментатор на порталот РТЦГ и дневниот лист „Побједа”.