Уставен суд поведе постапка поради сомневања за дискриминација при државна помош на новородени деца

Уставниот суд денеска поведе постапка за оценка на уставноста на одредби од Законот за заштита на децата кои се однесуваат на државна помош за новороденчиња.

Судот со мнозинство гласови изразил сомнеж во усогласеноста со уставните одредби на законското решение државата да дава парична помош само за прво и второ новородено дете, со што ги дискриминира следните родени деца во семејството.

„Според Уставниот суд, во овој закон, конкретно во членот 36 спорни се одредени делови кои ги содржат термините ‘прво и второ’ а се однесуваат на новороденчиња, дел од став 3, како и цел став 2  кој гласи ‘За прво и второ новородено дете се смета дете кое е прво и второ живородено дете по ред на раѓање на мајката кој редослед се утврдува на ист начин кога мајката ќе роди повеќе деца одеднаш’“, велат од Уставниот суд.

Со одлуката Судот да поведе постапка, тоа значи дека таа влегува во следната фаза во која ќе ја оценува уставноста на оспорените одредби и нивната усогласеност со членот 8, кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународните права и утврдени во Уставот, членот 9 и членот 42 кој гарантира посебна заштита на децата.

Овие законски одредби се однесуваат на семејствата кои во последните три месеци пред да поднесат барање за помош за новороденче имаат вкупен просечен приход понизок од минималната нето плата која била утврдена годината претходно, објаснуваат од Уставниот суд.