Времено се запира впишувањето на националноста во матичните книги, одлучи Уставниот суд

Уставниот суд се сомнева дека впишувањето на националноста во изводите од матичните книги за родени, венчани и умрени е неуставна и времено ја запре оваа мерка до конечна одлука.

Од Судот на денешната седница одлучиле да поведат постапка за делови од три члена од Законот за матична евиденција во кои е содржан зборот „националност” во изводите за родени, венчани и умрени.

„Во следниот период Уставниот суд ќе оценува дали е уставно покрај наведените лични податоци како што се име, презиме, податоци за раѓање и живеалиште, граѓаните да ја наведуваат и својата националност во матичните книги на родените, на венчаните и умрените. Според Судот припадноста кон одредена нација е приватно и внатрешно чувство на секој поединец и е негово право да одлучи дали ќе биде припадник на одредена нација, дали ќе се изјасни за сопствената националност, но и да се повика на правото да не се изјаснува по ова. Уставниот суд смета дека овие одредби се во спротивност со неколку членови од Уставот, како што е владеењето на правото, членот 18 кој ја гарантира тајноста на личните податоци“, стои во соопштението на Уставниот суд.

Оттаму напоменуваат дека од денеска, се до конечното изјаснување на Судот по ова прашање од македонските граѓани не смее да се бараат податоци за националност при впишување во матичните книги на родени, венчани и умрени.

Судот сподели дека оваа иницијатива е поднесена од политичката партија Левица на 3 јули оваа година.