Уставниот суд го укина правото за апанажата на функционерите

Од Уставниот суд на С. Македонија информираат дека на денешна седница е укинат членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, односно се губи правото на „апанажа“

Оттаму објаснуваат дека укинувањето на членот 22 значи дека пратениците, функционерите и раководните работници кои поднеле оставки или се разрешени од должноста пред истекот на времето за кои се избрани, именувани или назначени нема да ги имаат сите права како останатите вработени, вклучувајќи го и правото на надоместокот, популарно наречен „Апанажа“.

Во образложението на судот, се вели дека членот 22 нема уставна оправданост.

„Судот го зема во предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција“, се вели во одлуката од Уставниот суд.

Според Судот, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспојливи. И затоа е донесена укинувачка одлука,одредбата е спротивна на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав, предвидена во членот 8.

Оттаму додаваат дека иницијативата за законската промена е поднесена од струшкиот адвокат Глигорие Ќатоски, на почетокот на минатата година, каде се успорувале не еден, туку 7 члена од Законот за плата и други надоместоци.

„Судот го оцени само членот 22 како спротивен на Уставот. Оваа одлука на Уставниот суд е конечна и влегува во сила откако ќе се објави во Службен весник“, дополнуваат од Уставниот Суд.