МЗЗПР со иницијатива до Уставен суд: Целосна плата за сите работници заболени од Ковид-19

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) денеска испрати иницијатива до Уставниот суд за утврдување на законитоста и уставноста на точка 408 од Правилникот за професионални заболувања, со која бараат да се поништи, како што велат, дискриминирачката одредба. Оттука тие бараат да се донесе нова со која секој кој работи на место кое е утврдено дека постои зголемен ризик за зараза од Ковид-19, во случај на инфекција да може да ги оствари своите права.

Тие велат дека целосно ги поддржуваат лекарите и медицинскиот персонал, како и ветеринарниот и другиот помошен персонал и во иднина да ги остваруваат своите права при заболување од Ковид-19 како професионална болест.

Но, додаваат дека е многу важно да бидат прифатени предложените измени со цел да се обезбедат уставно загарантираните права на сите работници, односно признавањето на Ковид-19 како професионално заболување за секој работник.

„На овој начин секој вработен, наместо досегашните 70% ќе оствари право на боледување со надомест во висина од 100% од својата плата. Ваквиот пристап е многу важен, особено во време кога се бориме за зачувување на секое работно место и егзистенција за секој граѓанин“, вели Милан Петковски, претседател на МЗЗПР.

Во иницијативата се истакнува дека и сите останати професии кои се на првиот фронт за време на кризата, како полициските службеници, припадниците на армијата, вработените во детските градинки, работниците во маркетите и други се изоставени од одредбата, па така, како што додаваат, се врши нивна дискриминација и им се оневозможува користењето на нивните права како работници.

Истовремено, тие покренале и иницијатива за признавање на инфекцијата со Ковид-19 или појавата на акутната болест кај секој работник кој работи на место кое е со зголемен ризик за инфекција и заболување, и тоа по автоматизам и веднаш да биде регистрирано како несреќа на работа.

Доколку ваквата иницијатива се прифати, од МЗЗПР велат дека боледувањето тогаш ќе биде третирано како „несреќа на работното место“ и работникот ќе остварува надоместок на плата во износ од 100% од износот на платата, за цело време на траењето на боледувањето.

„Регистрацијата на инфекцијата и/или болеста Ковид-19 како несреќа на работа, овозможува во понатамошниот период, доколку дојде до трајно влошување на здравствената состојба со последици по работна способност (пост-ковид, долготраен ковид и други форми на трајни здравствени последици), работникот да може, без други законски, административни и стручни проблеми, да го остварува правото на професионална болест, онака како што е тоа утврдено во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и изменетиот Правилник за Листата на професионални болести“, се додава во нивното соопштение.

Инаку, првата ваква иницијатива, здружението ја поднесе до Владата и другите надлежни институции уште на 14 мај минатата година.